Пакистанец е осомничен дека ја запалил куќата во која живееле неговите две ќерки и четири внуци, бидејќи едната се омажила против негова волја.
Полицијата е во потрага по Манзур Хусеин, затоа што наводно запалил куќа во пакистанскиот кварт Музафаргарг, каде живееле неговите две ќерки Фаузија Биби и Куршид Маи. Во пожарот загинале двете ќерки, нивните четири деца и сопругот на Маи.
Фаузија Биби пред 18 месеци се омажила за Мехуб Ахмад против волјата на нејзиниот татко. Тоа бил брак од љубов, а не договорен брак, јави „Си-Ен-Ен“.
Инцидентот беше предизвикан од конфликт меѓу две семејства поради брак од љубов, соопшти локалната полиција.
Ахмед, сопругот на Биби, и рекол на полицијата дека не бил дома во моментот на пожарот и оти кога се вратил од работа рано наутро го нашол својот дом во пламен. Неговиот четиримесечен син, заедно со трите деца на Маи на возраст од 2, 6 и 13 години, загинаа во пожарот.