Фолклорни танци, гастрономија, ракотворби, модерни и традиционални носии и заеднички проекти, беа презентирани во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија на Седмиот европски ден на територијалната соработка, насловен „Минато, традиција, иднина. – Начинот на кој комуницираме!“, што се одржа денеска во центарот на албанскиот град Корча, јави специјалниот известувач на МИА.
Евроамбасадорот во нашата земја Дејвид Гир истакна дека одбележувањето на Европскиот ден за територијална соработка е настан кој ја промовира заедничката соработка на Северна Македонија и Албанија во рамките на програмата за прекугранична соработка финансирана од ЕУ и е потсетник дека сме подобри кога работиме заедно и секогаш можеме да постигнеме повеќе со здружување на силите.
– Денеска промовиравме 14 проекти во вкупна вредност од шест милиони евра за развој на туризмот, културата, конкурентноста и заштитата на животната средина. Во иднина ќе има уште многу повеќе, рече Гир.
Двете министерства што ја спроведуваат ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка 2014-2020 година од двете земји се согласија дека ова е многу важно за интеграцијата на Северна Македонијаво и Албанија во ЕУ.
Заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски истакна дека оваа Програма е одлична можност за општините, граѓанските организации, бизнис асоцијации, универзитети, училишта, јавните установи и институции од двете соседни земји преку соработка да одговорат на потребите на граѓаните од овој пограничен регион.
Тој посочи дека проектите што се реализираат се однесуваат на развојот на туризмот, заштитата на културното и природното богатство, поттикнување на конкурентноста, бизнисот, трговијата и инвестициите, како и заштита на животната средина, ублажување на последиците од климатските промени, како и превенција и управување со кризи.
– Ве уверувам дека прекуграничната соработка е важен сегмент од политиката на ЕУ за територијална соработка и ја промовира соработката меѓу соседните земји. Ова е важно за сите нас, ние сме дел од Европа и очекуваме што поскоро да бидеме дел од европското семејство, бидејќи веруваме во европските вредности. Нашата земја има воспоставено прекугранична соработка со сите пет соседни држави, а во рамките на ИПА 2 досега се финансирани 14 проекти од Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија во вредност од скоро 6 милиони евра. Одобрените проекти кои што се имплементираат на територијата на нашата држава и Албанија ги кофинанисираме од Министерството за локална самоуправа, во висина од 15 отсто од признаените трошоци, рече Димитровски.
Градоначалникот на Корча, Сотирак Фило испрати порака дека денот е празник за Корча, која достоинствено го слави духот на ЕУ во градот.
На настанот студентите од Модните факултети од Тирана и Скопје изработија традиционални фустани од минатото во нови модерни верзии. Дополнително, младите фолклорни танчери, како и локалниот диџеј Костика ги забавуваа гостите со локална музика, додека локалните жители уживаа во гастрономијата и рачна изработка од двете земји.
Проектите од вториот повик во рамките на програмата за прекугранична соработка преку Северна Македонија-Албанија 2014-2020 година, на кои беа презентирани и промовирани постигнатите резултати беа: „Smart-Cul-Tour“, „Прекуграничен велосипедизам: авантуристички туризам на повисоко ниво во Маврово-Ростуше и Дибра“, „Откривање скриени атракции“, „Превенција од поплави за заштита на животната средина“, „Нови можности за безбедни зимски авантури“.
Програмата ИПА 2 за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија финансираше неколку иницијативи за стимулирање на порамномерен, инклузивен и одржлив социо-економски развој на прекуграничната област.
Нашата земја има воспоставено прекугранична соработка со сите пет соседни држави, а во рамките на ИПА 2 досега се финансирани 14 проекти од Програмата запрекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија во вредност од речиси шест милиони евра. Одобрените проекти кои што се имплементираат на територијата на нашата држава и Албанија ги кофинанисираше од Министерството за локалнасамоуправа, во висина од 15 отсто од признаените трошоци.
ИПА 3 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Албанија 2021-2027 година која ќе биде во три региони во секоја од земјите-кориснички, Пелагонија, Полог и Југозапад во Северна Македонија и Дибар, Елбасан и Корча во Албанија, со финансирање на 14 милиони евра.