На првиот ден од изборот на новата Влада, во министерствата беше извршено примопредавање, а новиот премиер Димитар Ковачевски најави дека секоја минута ќе ја посветат на клучните прашања од интерес на граѓаните.
Првиот предизвик на новата Влада е надминувањето на енергетската криза и обезбедувањето подобри услови за живот на граѓаните. Тоа го најави и Ковачевски по средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски.
Од денеска секоја минута од нашето време им ја посветуваме на клучните прашања од интерес на нашите граѓани. Токму затоа инсистирам во неколку наврати дека нашиот фокус е ставен на економскиот развој на земјата и подобрување на животниот стандард. Како прв човек на новата Влада за моја задача и одговорност ја поставив конструктивната комуникација и соработка со сите чинители во нашето општество како што се граѓанските здруженија и претставниците на опозицијата. Новата Влада ќе биде високопродуктивна во работењето посветена на поставените високи цели за кои сум сигурен дека со многу работа и труд можеме да ги реализираме, рече Ковачевски по вчерашната средба со претседателот Пендаровски.
Од новите министри, Ковачевски очекува да работат чесно, одговорно и ефикасно. Дел од нив веќе ги презедоа функциите од досегашните министри.
Новата министерка за одбрана Славјанка Петровска најави дека започнатите процеси во одбраната ќе продолжат со уште поинтензивна динамика, а еден од најважните приоритети во текот на нејзиниот мандат ќе биде одржувањето на стабилно финансирање на одбраната и достигнувањето на два процента од БДП за одбранбениот буџет до 2024 година. Приоритети за Петровска ќе бидат и донесувањето на законот за службеници во одбраната, модернизацијата и опремувањето на Армијата, како и реновирањето на воените објекти.
Примопредавање имаше и во ресорот за борба против корупцијата и криминалот. Во овој ресор, според досегашниот вицепремиер за борба против корупцијата и криминалот Љупчо Николовски, поставени се темелите во борбата против криминалот и корупцијата – донесен е План со 18 системски мерки, нов Етички кодекс, Национален регистар на вистински сопственици, подигнато е нивото на транспарентност и отчетност кај министерствата, државните органи и општините, а започнат е и процес на дигитализација на институциите со кој ќе се елиминира човечкиот фактор.
Министерот за внатрешни работи, кој и досега ја извршуваше оваа функција, Оливер Спасовски најави зголемување на платата за пет проценти на сите вработени во МВР во 2022 година, средства за бонус плата за оствaрени над 150 часа прекувремена работа во 2021 година, како и реконструкции на повеќе објекти кои се во надлежност на Министерството. Приоритет на МВР за 2022 година ќе биде и набавката на возила исклучиво за оперативно работење на полицијата.
Смена беше направена и во министерствата за правда, за здравство, за образование, за труд и социјална политика, за култура и за земјоделство.
Новоизбраниот состав на Владата по примопредавањето на функциите вчера одржа конститутивна седница. Беа донесени првите одлуки, при што беа определени вицепремиерите и нивните должности, како и претседателите и членовите на основните и на посебните владини комисии.
Старо-новата Влада нема народен легитимитет и таа е производ на тешкиот пораз на СДСМ на локалните избори. Таа е континуитет на криминалот, корупцијата и неспособноста. Со оваа Влада без легитимитет, капацитет и авторитет, Македонија ќе продолжи да тоне.Токму затоа, на Македонија и се потребни избори кои ќе ја рефлектираат волјата на народот, а Владата ќе биде легитимна и одлучна во борбата со криминалот и корупцијата и ќе донесе нова иднина за сите граѓани на државата, оценија од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Новата влада беше формирана откако премиерот Зоран Заев по поразот на локалните избори даде оставка од премиерската функција и од челното место во СДСМ.