Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во телефонски разговор со Дерек Шоле, советник на Стејт департментот на САД изразил благодарност за континуираната поддршка од САД за реализација на стратешките цели на Република Северна Македонија.
Разговорот, како што информираат од МНР, доаѓа веднаш по посетата на советникот Шоле на Бугарија, што, нагласуваат, е особено значаен моментум, имајќи го предвид и нововоспоставениот дијалог меѓу Скопје и Софија и преземените чекори во насока на градење на довербата и надминување на предизвиците меѓу двете земји.
„Министерот Османи ја истакна значајната улога на нашите американски пријатели за просперитетот и демократските постигнувања на Северна Македонија. Во оваа прилика советникот Шоле уште еднаш ја реафирмираше американската јасна и недвомислена поддршка за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со ЕУ,при што беше заемно оценето дека европската перспектива и присуството на САД во регионот се особено значајни за стабилноста и просперитетот на Северна Македонија и Западен Балкан“, се вели во соопштението од МНР.
Соговорниците размениле мислења за актуелната безбедносна состојба во Европа и случувањата во и околу Украина, при што било нагласено дека зајакнувањето на трансатлантската соработка и заедничкиот пристап е од примарно значење за надминување на актуелните безбедносни предизвици.
Воедно, била изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина и бил упатен заеднички повик за деескалација на состојбите преку дијалог и дипломатска комуникација, што е во интерес на целокупната европска безбедност.
Во рамки на телефонскиот разговор, станало збор и за билатералните односи, при што била истакната важноста од нивно понатамошно надградување, а воедно биле разледани и можностите за продлабочување на стратешкото партнерство и јакнење на трансатлантските врски.
Ова е втор телефонски разговор на министерот Османи со советникот Шоле во изминатите две недели.