Економијата почна да се опоравува од пандемијата, нарушувањата на глобалните синџири на снабдување и од ценовните притисоци, но сега таа е исправена пред нов предизвик – руско-украинската војна.
Во денешниот „Фајненшл тајмс“, главниот извршен директор на германскиот производител на автомобили „Фолксваген“, Херберт Дис предупредува дека долготрајната војна во Украина може да биде „многу полоша“ за европската економија отколку пандемијата на коронавирусот.
Прекинот во глобалните синџири на снабдување „може да доведе до големи зголемувања на цените, недостиг на енергија и инфлација, изјави Дис за лондонскиот весник.
Тој, исто така, верува дека долготрајниот конфликт во Украина може да ја соочи Европа со огромна закана од висока инфлација.
Само информациите за можноста од воведување санкции предизвикуваат пораст на цените на енергенсите и на прехранбените производи, што доведува до дополнително зголемување на и онака високата инфлација, особено во земјите од Централна и Источна Европа (ЦИЕ).
Домаќинствата во ЦИЕ поголемиот дел од својот расположлив доход го трошат на енергија и храна, па многу од нив се веќе во отежната состојба, што доведува до потребата од наметнување ценовна контрола во некои земји. Понатамошниот развој на настаните и воведувањето посилни санкции само би ја влошиле оваа состојба.
Производителите на автомобили, вклучително Фолксваген, БМВ и Порше, имаат проблеми да набават кабли за автомобили, кои досега ги набавуваа во западна Украина. Овие погони сега се затворени поради руската инвазија, па производителите на автомобили се принудени да го намалат производството.