Естонија нема да издава туристички визи за руските граѓани кои сакаат да влезат во земјата додека трае украинската инвазија, изјави денеска во Талин естонската министерка за надворешни работи Ева-Марија Лиимец.
„Естонија повеќе не издава нови туристички визи C и D за руските граѓани. Забраната ќе трае се додека Русија води војна против Украина“, рече таа. „Ние активно работиме за да обезбедиме нашите мерки за одвраќање во овој регион да бидат посилни отколку што беа досега, бидејќи ситуацијата во Европа и во безбедноста драматично се променија и веројатно никогаш нема да се вратат на нивото од 23 февруари“, рече таа.
Исклучоци ќе бидат направени за луѓето со семејство во Естонија и од хуманитарни или медицински причини, додаде естонската министерка.
По инвазијата, во Естонија влегле поголем број руски граѓани од вообичаено. Според естонското Министерство за надворешни работи и гранична стража, повеќе од 12.000 руски државјани ја преминале копнената граница со Естонија во последните две недели, што е за 2.200 луѓе повеќе од просекот во тој период пред руската инвазија на Украина пред две недели.