Сто и девет празни колички и автомобилски седишта се поставени пред градското собрание во Лавов, град во западна Украина кој стана транзитен центар за бегалци за стотици илјади луѓе кои избегаа од опколените градови на исток. 109 колички ги симболизираат 109 детски животи изгубени во оваа војна, изјави градоначалникот на Лавов. Поставката е насловена „Цената на војната“ и како што вели градоначалникот ќе остане на плоштадот и ќе продолжи да расте, од ден на ден, за да одговара на растечкиот број на жртви предизвикани од руската инвазија и неселективно гранатирање на Украина.
Од 24 февруари, голем број деца се убиени во Украина. Многу повеќе се повредени.
Според УНИЦЕФ Украина досега ја напуштиле 1,5 милиони деца.
„Според нашите проценки , во просек, секој ден во Украина од почетокот на војната, повеќе од 75.000 деца секој ден стануваат бегалци или според најновите статистички податоци секоја минута по 55 деца ја напуштаат својата земја” соопшти УНИЦЕФ.
УНИЦЕФ исто така предупредува дека децата од Украина кои пристигнуваат во соседните земји се изложени на значителен ризик од семејна разделба, насилство, сексуална експлоатација и трговија со луѓе.
Властите во Украина соопштија дека во насилството загинале 109 деца, а повеќе од 130 се ранети.Најголем број познати деца-жртви се во Киевската област, или провинција, каде што загинаа 55 деца, соопштија обвинителите. Други 34 загинаа во областа Харков.