Украина е една од ретките земји во светот каде комерцијалното сурогат мајчинство е легално.
16 брачни парови од Северна Македонија добиле потомство со помош на сурогат мајки од Украина, потврди за НоваТВ, Денис Херман,правниот застапник на „Биотекском“ најпознатата клиника за сурогат мајчинство во таа земја. Тој, меѓу другото ни откри и дека уште најмалку два брачни пара од земјава веќе ги потпишале документите со „Биотекс“, но нивната постапка за ембриотрансфер кај сурогат мајката била пролонгирана поради воениот конфликт во Украина.
Негователките од приватната клиника Биотекс во моментов се грижат за 30-тина бебиња кои беа родени откако во Украина почна воениот конфликт. Уште 100 сурогат мајки се во последните недели од бременоста и треба да се породат до крајот на месецов.
„Во моментов за бебињата кои се родија откако почна војната се грижат нашите негователки. Тие, се сместени во засолниште во едно населено место близу до Киев. Тоа е комплекс апартмани кои имаат подземни простории специјално дизајнирани да се користат како засолниште. Безбедни се и ги имаат сите потребни продукти за да ги поминат овие тешки денови. Има кревечтиња, дадилки, медицински сестри, храна и пелени и сите други продукти кои им се потребни“, вели Херман во разговор за НоваТВ.
(Видеото го објавуваме со согласност на Биотекском)
Во моментов, на Клиниката има стотина сурогат мајки кои се при крај со бременоста и треба да се породат до крајот на овој месец.
„Секој ден имаме по едно до две породувања. Дел од сурогат мајките, поради нивната комплицирана здравствена состојба, мора да останат во нашата главна клиника во Киев и да се породат таму без разлика каква ќе биде безбедносната состојба во градот“, вели за НоваТВ, правниот застапник на „Биотекском“, Денис Херман и додава дека во моментов околу 500 сурогат мајки носат бебе за брачни парови од странство, а кои се во различен стадиум од бременоста. Вели, се обидуваат, на секаков начин овие мајки кои живеат во различни делови од земјата, да ги пренесат на безбедна локација.
Најголем дел од сурогат бебињата се кинески државјани, односно нивните биолошки родители се жители на Кина, но исто така има и бебиња од канадски и романски родители, парови од Германија и Италија, САД и Јужна Америка, како Аргентина и Бразил, но и од Скандинавските земји.
Херман раскажува дека опасноста од војната не успеала да поколеба три германски двојки да стигнат до Киев и да си ги земат нивните новороденчиња. Тој вели дека и покрај воениот ужас, сирените и опасноста што демне од секој агол, три храбри семејства од Германија стигнале до нивната болница во близина на Киев. Две семејства веќе се на пат да ја напуштат земјата, а уште едно семејство се подотвува да замине дома со своето бебе. И семејство од Канада најавило оти ќе дојде во Украина да си го земе бебето во следните неколку денови.
„ Постапката за вадење на документи во овој период е малку комплицирана, бидејќи речиси сите странски Амбасади во Украина се затворени. Од наша страна е полесно да ги подготвиме документите, бидејќи украинската Влада донесе уредба за брза регистрација на новороденчињата. На пример, тука во Киев има неколку канцеларии за регистрација, односно за вадење на извод од матична книга на родените, кои се уште работат. Но, ние можеме да ги поднесеме медицинските документи на новородено дете во било која канцеларија ширум земјата и да извадиме сертификат за новороденче. Доколку родителите успеат да ја минат границата и да влезат во Украина ние ќе им ги средиме сите документи за бебето да го однесат што побрзо дома во нивната земја. Што се однесува до Амбасадите, каде родителите треба да извадат пасош за патување за бебињата, тие се затворени, но поради актуелната воена ситуација, многу земји дозволуваат влез на лица кои престојувале во Украина само со украински документи. Родителите кои чекаат бебиња во Украина се во постојана комуникација со своите надлежни органи и тие целата документација потоа можат да за комплетираат во својата земја“, вели Херман.
Украина е една од ретките земји во светот каде комерцијалното сурогат мајчинството е легално. Единствен предуслов е апликантите да се хетеросексулани брачни двојки, кои имаат медицински индикации дека не можат да станат родители по природен пат. Постапката за вадење на документи за новороденчето е брза и лесна, без правни и судски процедури, само со медицински доказ дека барем еден од родителите на детето е биолошки родител. Од Клиниката велат дека апликанти за сурогат мајчинство не можат да бидат двојки без медицинска индикација, односно не може да бидат жени кои поради козметички или други причини се плашат да останат бремени. Целата постапка е високо доверлива, а името на сурогат мајката не е наведено во изводот од матична книга на родените на детето.

Цената на пакетите за сурогат мајчинство во Украина се движи помеѓу 40 и 65 илјади евра. Од „Биотекском“ за НоваТВ објаснуваат оти првата консултација со Клиниката е бесплатна, а по прегледот кај специјалист гинеколог и проверката на целокупната медицинска документација која двојките си ја носат о матичната земја, им се нудат три пакет програми во вредност од 40.000, 50.000 и 65.000 евра. Поради големиот интерес за програмата за сурогатство, листата на чекање е долга, а некои парови мора да чекаат и до шест месеци пред да ја започнат постапката.
„Без разлика кој од трите пакети ќе го одберат нашите клиенти, ние им даваме гаранција дека на крајот од постапката ќе си заминат дома со потомство. Тоа значи дека ќе се обидеме онолку пати колку што е потребно за постапката да биде успешна. Вообичаено се потребни еден до три обиди, но тоа секако зависи од медицинската индикација на брачниот пар“, вели Херман за НоваТВ.
(Биљана Божиновска)