Едно од две украински деца е раселено откако Русија ја започна инвазијата на 24 февруари, се вели во соопштението на УНИЦЕФ. Притоа се додава дека 4,3 милиони деца се раселени, што претставува повеќе од половина од околу 7,5 милиони детска популација на Украина.
Оваа бројка вклучува над 1,8 милиони деца кои преминале во соседните земји како бегалци и 2,5 милиони деца кои исто така се внатрешно раселени во Украина, се вели во соопштението.
Во соопштението се додава дека 78 деца се убиени, а 105 деца се повредени во Украина од почетокот на инвазијата пред повеќе од еден месец, според Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за човекови права.
Тоа се само бројки кои ОН успеаја да ги потврдат, а вистинската бројка се очекува да биде поголема, се вели во соопштението.
„Тоа е вознемирувачко“, изјави портпаролот на УНИЦЕФ Џејмс Елдер за Си-Ен-Ен. „Од почетокот на војната пред еден месец, од секое момче и девојче во земјата, едно од две ги напуштиле своите домови“, вели.
Тоа е ситуација каква што досега не сме виделе, не во живо сеќавање, и речиси е невозможно да се справиме со неа“, истакна тој.
Елдер рече дека УНИЦЕФ се обидува да донесе ќебиња, таблети за прочистување на водата, генератори, медицински материјали и акушерски комплети за мајките кои раѓаат во земјата. „Доколку војната не престане, ќе видиме повеќе деца избркани од нивните домови“, додаде Елдер.