И покрај тоа што не се усвои да биде разгледан по скратена постапка, Предлог законот за работни односи поднесен од Левица на 68-та собраниска седница што се одржа на 5 април, сепак ова беше доволен аларм што ја поттикна Стопанската комора со допис кој веќе е стигнат до архивата на Собранието, да реагираат до спикерот Талат Џафери не за суштината на предлогот, колку за процедурата односно начинот со кој воопшто се отвара можноста по скратена постапка да се туркаат работите. Од Стопанската комора бараат сферата на работните односи, посебно во услови за стопанисување како актуелните, да се третира на транспарентен и инклузивен начин во кој би биле вклучени сите засегнати страни, бидејќи штетите од носење закон кој не е плод на потребите на сите страни, може да предизвика далекусежни последици по бизнисот а со тоа и врз работниците.
Од Комората, во име на своите членки кои обезбедуваат 50,3 проценти од вкупниот приход, 47,6 проценти од нето добивката и 33,7 проценти од вработените во приватниот сектор, потенцираат дека не смеат да се носат измени и дополнувања на системски закони без дијалог со засегнатите страни, стои во соопштението.
Со измените, како што појаснуваат, е предложено намалување на максималната горна граница за склучување на договори за вработување на определено време од 5 години на 6 месеци и намалување на крајниот рок за исплата на платите, односно наместо до 15-ти во месецот, платата да се исплаќа до 5 во тековниот за претходниот месец, наведуваат од Комората.
Со слична реакција излегоа и од Конфедерацијата на работодавачи. По малку резигнирани дека последните 4 месеци речиси и да немало никаква активност поврзана со предлог измените на Законот за работни односи и доколку некоја партија има амбиција да го унапреди текстот, предлозите да ги достави или до нив или до Економско социјалниот совет, вели Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.
– Ова тотално не изненади и нас. Партиите треба да знаат дека измените на Законот за работни односи се работат низ работни групи од 2017 година наваму. Стигнати сме до 217 член и речиси сме на крајот, но последниве 4 месеци речиси и да немаме ништо на овој план а ние како Конфедерација за наредниот месец имаме закажано 4 работилници на работните групи.Имаме забелешки од наша страна и во однос на пријавувањето на определено време за тоа дека има многу процеси во економијата кои не се завршуваат со 6 месеци работен однос. Нашиот конкретен предлог односно од здруженијата на работодавачи е договорите на определено да се од три години па нагоре никако под три години а друга забелешка се однесува на Договорите на дело кои спаѓаат под Законот за облигациони односи а не под Законот за работни односи што би можело да генерира правни нејаснотии, вели Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.
(М. Трпческа)