Француските гласачи денес гласаат за да одлучат дали на центристот Емануел Макрон ќе му дадат уште пет години како претседател или ќе го заменат со кандидатката на екстремната десница Марин Ле Пен. За да победат и двајцата треба да привлечат гласачи кои поддржаа други кандидати во првиот круг.
Макрон и Ле Пен се две поларизирачки фигури во Франција и апстиненцијата е клучен фактор, пишува Би-Би-Си на стартот на денешното гласање. Противниците на Макрон го нарекуваат арогантен и претседател на богатите, додека пак лидерката на екстремната десница е обвинета дека има врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Макрон дојде на власт со големи ветувања за промени, но многумина се жалат дека промените не се случија. Неговото претседателство се потроши на протести, пандемијата и зголемените трошоци за живот.
Во меѓувреме, Марин Ле Пен научи од грешките што ги направи кога беше убедливо поразена од истиот противник во вториот круг во 2017 година. Ова е нејзина трета трка за претседателската фотелја и доколку не успее, може да и биде и последна.
Големата непознаница на овие избори е колку гласачи ќе одбијат да поддржат ниту еден од кандидатите, без разлика дали ќе стават празно гласачко ливче или воопшто нема да излезат. Голем дел од Франција е на одмор и одѕивот би можел да биде историски низок.
Кампањата беше кратка, но изборот за гласачите е јасен, помеѓу проевропски актуелен претседател и националистички кандидат кој се обидува да ја забрани шамијата и да ја ограничи имиграцијата.
Без оглед на резултатот, Макрон вети дека ќе им се обрати на гласачите вечерва од бината поставена во подножјето на Ајфеловата кула.