Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за Радио Слободна Европа ги демантира шпекулациите дека од магацин во Охрид пред неколку дена било украдено оружје.
„Таквите шпекулации коишто сакаат да ги употребат за дневнополитички цели не користат никому. Значи, ова е прирачен магацин којшто имаше одземени предмети коишто биле таму складирани и дел хемиски средства коишто го користел СВР Охрид. Така што воопшто не станува збор за кражба на оружје, а секако дека сите истражни дејствија се насочени кон откривање на сторителите“, вели министерот во интервјуто.
Министерот вели дека кражби се случуваат секаде, престапници и криминалци постојат насекаде, но важно е државата да има вистински одговор и оние коишто направиле кривични дела да се изведат пред лицето на правдата.
„Секако дека постојат низа на механизми, на мерки коишто се преземаат и впрочем поради преземањето на таквите мерки, посебно во делот на антикорупциската политиката, Република Северна Македонија се искачи на скалата во однос на борбата против корупцијата и криминалот. Тоа е доказ дека сите институции преземаат низа на мерки во делот на антикорупциските активности“, вели министерот во неделното интервју за РСЕ.