Европската унија ќе обезбеди 500 милиони евра воена поддршка за Украина, изјави главниот дипломат на Унијата, Жозеп Борел. „Ќе обезбедиме нова транша од уште 500 милиони воена поддршка за Украина“, им рече на новинарите високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност на својот пат утрово кон состанокот на министрите за надворешни работи на Г-7 во Вајсенхаус во Германија.
Според Борел, Г-7, исто така, „ќе извршат поголем притисок врз Русија“ во однос на економските санкции. Дипломатот рече дека е „оптимист“ дека може да се постигне договор за ембарго на ЕУ за увоз на руска нафта, нагласувајќи ја потребата „да се ослободиме од зависноста од нафтата од Русија“.
Групата најбогати нации во светот, исто така, ќе разговара за дезинформациите за време на војната и зголемувањето на цените на енергијата и храната, рече Борел. Тој додаде дека кога станува збор за справување со Русија, Г-7 ќе „претстави обединет фронт“ и „ќе излезе со силна порака“.