„Нема да има никакви отстапки, решението мора да се заснова на европски вредности, и на зачувување на достоинството на граѓаните на двете држави“, рече денес премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање зошто тој вели дека нема да се врзуваме со датуми за решение со Бугарија додека високиот претставник на ЕУ Јозеп Борел алармира дека до јуни мора да се изнајде решение, и дали фаќањето на јунскиот рок значи правење отстапки од македонска страна кон Бугарија.
Претходно, Ковачевски на конференцијата во организација на Македонија 2025 на прашање од публиката да го коментира застојот во евроинтеграцијата на Македонија и бугарските барања, рече: „Нашата европска интеграција е заложник на Бугарија. Тоа е класична уцена која не може да произведе никаков бенефит за никого“.
„Со Бугарија имаме отворен процес и за тоа е задолжено МНР, се разменуваат идеи и концепции за можно решавање, но во овој момент не постои заеднички прифатлив документ за решение. Јас не се врзувам со датум од првиот ден кога станав премиер, ни треба брзо но не избрзано решение, затоа што Македонија има 17 години кандидатски статус и не сакам со избрзано решение да предизвикаме недоверба и разочараност кај граѓаните од него. И второ, по војната во Украина, проширување на ЕУ со Македонија не е само политичко туку е и безбедносно прашање и затоа ЕУ треба да овозможи брз старт на преговорите“, рече македонскиот премиер.
На еврокомесарот Борел, Ковачевски му порача да премине од изјави на дело. „Изјавата на високиот претставник на ЕУ Јозеп Борел ја гледам како изјава за интензитет на процесот. Сакам да верувам дека ќе се премине од изјави на оперативна работа – организација на прва меѓувладина конференција со Македонија и Албанија“, рече Ковачевски на прес-конференцијата со премиерката на Србија. (С.К.)