Министре јас сум фрапирана од вашиот одговор, јас не ве прашував за општините, туку за Државниот испитен центар, тоа нема никаква врска со одговорот што вие го дадовте на прашањето што ви го поставив, знаете ли што ве прашав јас, реагира пратеничката Благица Ласовска која на седница за пратенички прашања побара министерот за образование Јетон Шаќири да одговори за испитите на директорите и дали поддржува целосна дигитализација на учебниците како што предлагаше претходната министерка Мила Царовска.
Ласовска потсети дека проблемите во Државниот испитен центар траат подолго време и дека не се одржуваат ниту испити, ниту обуки.
Министерот Шаќири објасни дека врз основа на анализата за состојбата со училишната инфраструктура ќе се носат соодветни одлуки и за дигитализацијата на учебниците која е поддржана во светски рамки, но дека при имплементација на планот за унапредување на квалитетот на воспитно – образовниот процес, ќе се води сметка и за постојните услови.
Министерот потсети и на тоа дека дигитализацијата е суштински важната придобивка, што впрочем е нотирано и во измените на новиот закон за учебници, а кој предвидува учебници во хартиена форма да добиваат учениците од прво до трето одделение, имајќи предвид дека првите години од воспитание и образование на децата се клучни за поставувањето на основите на писменост и градење однос кон книгата. Додека за учениците од четврто и погорните одделенија, приоритет ќе се даде на учебниците и дидактичкиот материјал во дигитална форма збогатени со мултимедијални содржини.
Пратеничката Ласовска го поздрави планот на Министерството за образование да не се исклучуваат комплетно печатените учебници и предложи Македонија да го прифати хрватскиот модел, а не како што тоа, како што рече, го предлагаше поранешната министерка Царовска.
ВМРО-ДПМНЕ, како што објасни пратеничката, немаат ништо против дигитални учебници со интерактивни и со мултимедијални содржини, но сметаат дека треба да има и печатени илустрирани, модерни учебници за учениците кои ќе посакаат да ги имаат.
Инаку, дигитализацијата на учебниците дозволува тие да се ревидираат секоја година пред почетокот на учебната година, за да нема застарени податоци и содржини кои не соодветствуваат на реалноста.
Законските измени предвидуваа за секој наставен предмет, наместо само еден, да се применуваат најмногу до три учебници. Станува збор за светски позната практика на отворени образовни ресурси според која ќе се овозможи на ниво на училишен колектив да се одлучува кој од одобрените учебници по секој предмет ќе се користи во наставата.