Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на работната посетата на Јапонија, оствари средба со јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши, соопшти пред малку неговата прес-служба.
Министрите, како што се наведува во соопштението, ја почнале средбата со потпишување на Договор за техничка соработка меѓу двете земји, со цел имплементација на јапонската билатерална помош за Северна Македонија.
„Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува безмалку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина“, изјави Османи од Токио.
За време на разговорите беа разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис врските, при што Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан.
„За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава. Воедно, учеството на Северна Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025, ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување на нови бизнис партнерства и за привлекување јапонски инвестиции“, порача Османи.