Сојузот на синдикати на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) го повика наставниот и ненаставниот кадар, во четврток на 2 јуни во 10 часот пред платото на Ректоратот преку мирен протест да го изразат револтот и незадоволството од игнорантскиот однос на надлежните органи кон вработените на скопскиот универзитет, а во врска со непотпишување на колективниот договор и барањето за поголеми плати.
Протестот, како што велат од Синдикатот на УКИМ, е предупредувачки, но ако не им се исполнат барањата, не ја исклучуваат можноста за штрајк во време на јунската сесија со што во неизвесност може да дојде полагањето на студентите на скопскиот универзитет.
Потпшување на колетивниот договор со четиригодишни проекции за покачување на платите, односно 25 отсто на годишно ниво во наредните 4 години е барањето на синдикалците кои велат дека се принудени да излезат на протест затоа што повеќе од една година во Владата нема слух за подобрување на општествениот статус на наставниот и на ненаставниот кадар на УКИМ.
– Платите на вработените на најстариот, најголемиот и најдобриот Универзитет се исклучително ниски и се неколку пати помали во споредба со платите на универзитетите во регионот. Просечната плата во државата надмина 31.000 денари, а платата на доцент изнесува 30.590 денари. Со децении наназад платите на редовните професори беа на ниво на судиите, на јавните обвинители, а сега се двојно пониски. Тоа се однесува и на платите на ненаставниот кадар во однос на другите јавни дејности, велат од Синдикатот на скопскиот универзитет.
Државата за редовен професор одвојува 39.000 денари, а тоа, како што потсетуваат во синдикатот, е највисокото звање на универзитетот. За споредба платите на редовните професори на универзититетите во регионот, вели за Нова професорот Ангел Ристов, претседателот на Синдикатот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, се многу повисоки. На Косово тие изнесуваат 1.500 евра, во БиХ 1.7000 евра, во Србија околу 1.900 евра, платата на хрватските редовни професори изнесува над 2.000 евра.
Последното истражување на платите на вработените во јавните универзитети покажа дека на УКИМ речиси една третина од редовните професори (31 отсто) земаат помалку од 40.000 денари, односно 16 отсто од професорите земаат плата до 38.000, а 15 отсто меѓу 38.000 и 40.000. Највисок процент (45 отсто) на УКИМ се со примања од 40.000 до 50.000, 13 отсто земаат меѓу 50.000 и 60.000 денари, а само 11 отсто од вработените на скопскиот универзитет примаат плата над 60.000 денари.
Синдикатот за своите барања и незадоволство реагирал и со писмо до премиерот Ковачевски, до министерот за финасии Бесими и до Џафери, претседателот на Собранието, но и по три месеци од нивната реакција, велат дека не добиле одговор.
– Науката е водечка сила во државата, се надеваме дека надлежните ќе одговорите на нашите барања за зголемување на платите како движечка сила во општеството и како креатори на иднината на младите. Во спротивно членството е подготвено своето незадоволство да го изрази со одржување на мирен протест или штрајк во јунската испитна сесија, порачува професорот Ристов, претседателот на Синдикатот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
С.М.