Споменикот на Скендербег во центарот на Скопје е најголем проект на ДУИ, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети во дебатниот магазин КликПлус на ТВ21.
– Ме прави горд бидејќи Албанците во Македонија денеска не се кираџии туку го имаат Скендербег во центарот на старо Скопје. Албанците не се кираџии туку имаат два универзитета, одговори Ахмети.
Претседателот на ДУИ за автопатот Блаце-Скопје вели дека е голем проект од околу 20 милиони евра но немаше одговор зошто не може да го види светлото на крајот од тунелот.
– Јас не сум градежник. Одете и прашајте ги градежниците зашто не го направиле навреме, рече Ахмети додавајќи дека сега проектот е во завршна фаза.
Лидерот на ДУИ прашан за условите во неговото родно село Зајас и за тоа што се уште нема канализација, рече дека луѓето секогаш се бореле за слобода и за права, а не за канализации.
-Зошто не одите да ги прашувате тие што ги влечкаат работите, туку ме прашувате мене! Тоа се прави со средства од ЕУ и се појавуваат технички проблеми. Ова беше се за Зајас. Секако дека проблем е и отпадот, и тоа сериозен проблем, како што е и канализацијата. Двете прашања се проблем кои бараат решение. За тоа не се потребни изјави ниту соопштенија туку потребни се практични и прагматични решенија. И двете прашања како процес се во тек и се надевам ќе завршат. Тоа е проблем кој бара решение и не само во Зајас, туку во сите општини, продолжи Ахмети.