Русија не го менува ставот и нема да го признае таканареченото Косово, а дури и цел свет да го признае, Србија нема да го признае Косово, што е поважно од сè, изјави денеска министерот за внатрешни работи Александар Вулин, пренесуваат српските медиуми.
– Признавајќи го таканареченото Косово како држава, Западот го искористи правото на посилниот, дека стапот има два краја. Во Србија, меѓународното право беше убиено во агресијата на НАТО во 1999 година, а во Украина ништо нема да го оживее. Русија се повикува на примерот на Западот, а тие што го дадоа тој пример, тешко дека имаат морален аргумент да го осудат за она што тие самите го поставија како принцип, изјави Вулин.
Според него, ако оние што го признаа таканареченото Косово ја сфатат грешката и ако го повлечат своето признавање, можеби ќе имаат морален аргумент да ја осудат Русија.
– Наместо тоа, бараат Србија да го признае таканареченото Косово, за да може Србија да го искупи нивниот грев, додаде Вулин.
Вулин ова го изјави коментирајќи ги наводите на рускиот претседател Владимир Путин, кој рече дека е направен преседан со Косово и дека Русија има целосно право да ги признае републиките во Донбас според Повелбата на Обединетите нации затоа што кога Косово прогласи независност, Меѓународниот суд на правдата пресуди дека тоа е согласно Повелбата на ОН.