Од утре до петок, Скопје ќе живее во знакот на штрајкот на вработените во јавниот сектор. За негово одржување тие најавија специјален перформанс пред клучните државни институции, Собранието, Владата и Министерството за финансии.
Како што информираат од Сојузот на синдикатите, штрајкувачкиот одбор договорил утре пред Собранието бидат поставени 120 столчиња за пратениците во период од 10 до 14 часот, со што воедно ќе биде прекинат сообраќајот на коловозните ленти. Следниот ден, во четврток, пак, од 10 до 14 часот пред Владата ќе бидат поставени 21 столче колку што изнесува бројот на министрите во кабинетот на Ковачевски.
Третата фаза од штрајкот предвидува в петок штрајкувачите да отидат пред Министерството за финансии, кое е институцијата која ги одобрува зголемувањата на платите, и таму да изразат незадоволство, и тоа во периодот од 10 до 14 часот.
Штрајкот уследи по неуспешните денешни преговори со Владата околу синдикалните барања за линеарно зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за 2.806 денари и враќање на правото за регрес за годишен одмор. Како што нагласи Сојуз на синдикати на Македонија, генералниот штрајк ќе биде делумен, со присуство на работниците на своите работни места со прекин на работниот процес во одредено време.
Ќе штрајкуваат и институциите кои вршат дејности од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, армијата, полицијата, пожарникарите како и во други дејности од јавен интерес.
Слободан Трендафилов, шеф на кабинетот на претседателот на ССМ, Дарко Димовски, за НоваТВ изјави дека штрајкот почнува вечерва на полноќ.
„Генералниот штрајк во јавниот сектор почнува од вечерва на полноќ, при што прва ќе штрајкува третата смена. Договорот е утре од 10 до 11 часот вработените да излезат пред влезовите на институциите, за да има видливост на штрајкот“, вели Трендафилов.
Љубица Балабан