Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денес не отстапи од барањето францускиот предлог-пакет кој Владата го достави во петокот до Собранието, да биде вратен назад на „Илинденска“ затоа што не ги содржи, според нив клучните документи. Наедно координаторот на пратеничката група Никола Мицевски порача и дека за меѓувладината конференција одлучува Владата и „истата да не се крие зад пратениците барајќи некаква одлука од Собранието“.
Мицевски најави дека ќе присуствуваат на денешната координација во Собранието за тоа прашање, но и дека и таму ќе го соопштат овој нивен став.
„Бараме да се врати информацијата што ја испрати Владата како нецелосен материјал и да не се нарушува дигнитетот на Собранието со еден ваков документ. Листот хартија што Владата го нарекува Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка за преговори помеѓу Македонија и ЕУ е крајно непочитување на нас пратениците. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години“, изјави денес Мицевски.
„Дополнително, бараме итно да се достави македонско-бугарскиот протокол, кој што претставува најважен документ во овој процес и кој што е клучен документ врз кој ќе се договараат правилата на игра помеѓу двете земји во наредниот период“, подвлече тој.
Од друга страна, Мицевски вели дека Собранието треба да ги слушне и реакциите на граѓаните,експертите, невладиниот сектор и сите други засегнати страни и да организира дебата и разгледување на овој предлог.
„Мора да се даде време и на работните групи кои се формираа во Собранието, да ги разгледаат сите документи кои ги има Владата, но и сите можни предлози со цел овој процес да го направиме што е можно потранспарентен“, рече Мицевски. „Доколку Џафери и парламентарното мнозинство ги заобиколат и изиграат собраниските процедури, одговорноста за ситуацијата во која ќе се најде државата ќе биде на Талат Џафери, Владата и пратениците од парламентарното мнозинство“, изјави тој. (С.К.)