Курсот меѓу еврото и американскиот долар денеска е изедначен за првпат по 20 години. Од утрово едно евро е еден долар, иако банките се обидуваат официјалниот курс да го држат така што за 100 долари може да добиете 98,2 евра.
Тоа значи дека вредноста на еврото е пониска за повеќе од 12 отсто во однос на вредноста на почетокот на годината и дека еврото е најслабо во однос на доларот од зимата 2002 година, пред дваесет години.
Иако вестите се позитивни за Американците кои работат и патуваат во Европа, тоа е загрижувачки знак за здравјето на глобалната економија.
Еврото е значително ослабено од европската енергетска криза поради војната во Украина. Русија обезбедуваше речиси 40 отсто од европскиот гас пред војната со Украина, а блокот сега се обидува да ја намали зависноста од руските енергетски извори.
Паритетот меѓу еврото и доларот се случи во време кога Русија го затвори клучниот гасовод – Северен тек 1 – кој носи гас до Германија. Гасоводот е затворен поради годишно одржување.
Во меѓувреме, доларот зајакна бидејќи инвеститорите бегаат кон американската валута како безбедно засолниште, додека Федералните резерви се обидуваат да ги зголемат каматните стапки со своето најбрзо темпо од 1994 година за да ја зауздаат жешката инфлација.
И додека во САД се создаваат стравови од рецесија, експертите предупредуваат дека шансите за економски пад во Европа се многу поголеми. (Р.Н.)