Македонските новинари не добиваат фер судење, речиси воопшто не се употребува праксата на Судот за човекови права во Стразбур, а добар дел од пресудите против новинарите се скандалозни и во функција на тврдењата дека се суди под политички притисок.
Ова се дел од заклучоците изнесени на трибината за слобода на медиуми во организација на Фридрих Еберт Институтот. Поранешниот врховен судија Агим Мифтари читаше и дел од шокантните образложенија на судиите во пресудите против новинарите.
“Силината и траењето на душеваната болка се поголеми кај министерот наспроти просечниот граѓанин”, ова е дел од пресуда на македонски судија во спор каде новинар е тужен од политичар.
“За да се сфати тежината на изречените навреди и клевети, треба да се има во предвид дека тужителот е јавна личност, познат и признат стопанственик во државата и во странство, пратеник во сите парламенти, познат спортски работник и порано успешен претседател на
Фудбалскиот сојуз Република Македонија , како и добар сопруг, татко и одличен дедо на сите свои внуци”, се вели во уште една од пресудите во кои политичарите тужат новинари.
Поранешниот судија во судот во Стразбур Маргарита Цаца Николовска вели дека судиите во Македонија ретко ги употребуваат европските конвенции во тужбите против новинарите, но, се надева дека со декриминализацијата на клеветата ќе има повеќе можности да се примени европската конвенција.
“Тој отпор веројатно доаѓа од притисоци, политички притисоци, но и од незнаење на судиите и непознавање на праксата”, вели Николовска.
Адвокатот Филип Медарски кој ги брани новинарите во споровите против нив вели дека досега немало ниту една пресуда со конкретен став или цитат од пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, па дури и кога тоа во споровите се предочувало од одбраната.
“Еден од стандардите во Европскиот суд е фер судење. Бидејќи праксата нивна беше игнорирана не можам да кажам дека новинарите добиваа фер судење”, вели Медарски.