Министерството за здравство на Бугарија денеска објави јавна нарачка од близу 163 милиони лева (81,5 милиони евра) за набавка на 6 медицински хеликоптери кои треба да бидат испорачани до 2026 година.
Во описот на набавката се вели: „Набавка на санитарни возила за воздушен транспорт (хеликоптери), обезбедени со потребната опрема и апарати за потребите на итна медицинска помош“.
Ќе се купат шест медицински хеликоптери, со можност за набавка на два дополнителни. Вкупната проценета вредност на јавната набавка е 162.711.735,86 лева. Шестте хеликоптери се очекува да бидат испорачани до 30 април 2026 година, а првиот од нив да биде примен до 1 декември 2023 година.
Со хеликоптерите, на бугарските граѓани ќе им се гарантира квалитетен, еднаков и навремен пристап до итна медицинска помош во пооддалечените и тешко достапни региони, соопштија од бугарското Министерство за здравство. (БГНЕС)