Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини одржа прес конференција за напредокот на постапката за доделување на концесија за користење на водите на Црна Река за изградба на хидроцентрали. Денес до 11 часот беше крајниот рок за доставување и отворање на понудите за изградба и менаџирање на ХЕЦ Чебрен во јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, проект за кој постапката е започната на 17 јануари 2020 година со донесување на одлука на Владата.
Согласно записникот на Комисијата пристигнати се понуди од две компании, од Конзорциумот ППЦ и Чиродрон Гроуп од Грција и од ЕДФ од Франција.
„Има две понуди – од кои е констатирано дека понудата на грчкиот Конзорциум е прифатлива, а понудата на француската компанија ЕДФ е необврзувачка понуда и не е доставена бараната банкарска гаранција“, информираше Нуредини.
„Ова е историски ден за енергетскиот сектор. Сакам да истакнам дека во целиот процес ние како Влада бевме максимално посветенени овој проект да успее, по 13 неуспешни обиди за 20 години. Затоа добро ги проектиравме условите и имавме слух за потребите на апликантите. Ова е постапка во вистинско време и како држава сме подготвени за успешна реализација на овој проект. Овие хидроцентрали ќе даваат балансна енергија, а проектот ќе се изведува како јавно-приватно партнерство, при што јавниот партнер ќе биде АД ЕСМ“, рече министерот.
По периодот на евалуација кој трае 60 дена се очекува потпишување на договор што треба да се случи до крајот на првата половина од 2023 година. Првото производство на електрична енергија е проектирано да започне во 2028-2029. Системот хидроцентрали на Црна Река треба да произведува балансна енергија од најмалку 333 мегавати и ќе претставува база на домашната енергетска мрежа.