Премиерот Димитар Ковачевски смета дека за уставните измени политичките партии треба да седнат на маса и да разговараат за да може да се дојде до прифатливо решение. Веќе сите политички партии, според Ковачевски, имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури, како што рече, и оние кои биле изрично против.
„Добро е дека се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори диксусија, сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвивал како и до сега, низ процедура која е пропишана согласно со нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура, кога ќе се види дека има волја, практично консензуална волја тоа да се направи а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изричито против, сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени, сметам дека треба да се седне на маса“, изјави денес шефот на Владата.
Тој ги повика сите политички партии да ги кажат своите размислувања и својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое би било нормално прифатливо за сите, алудирајќи притоа и на барањата од Алијанса за Албанците и Беса формулацијата „20 проценти во Уставот да се замени со „албански јазик“.
Дали претстои промена на политичката клима околу прашањето за уставните измени, по денешната изјава на Ковачевски, и особено по сигналите што минатата седмица ги прати опозицискиот лидер Христијан Мицкоски дека е можно да гласаат доколку Европа даде гаранции дека нема да има други бугарски барања.
„Наша цел е да бидеме во ЕУ и тоа е цел на сите граѓани. Кога некој од Европа или од Брисел ќе дојде и ќе даде јасна гаранција пред овој македонски народ и пред граѓаните на Македонија, тогаш можеме да седнеме и да разговараме за се“, рече Мицкоски. Оваа изјава на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ многумина ја оценија како ревизија на првичниот тврд став на конзервативната партија да не даде поддршка за уставните измени.
И градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој ја извршува и функцијата лидер на партијата Алијанса за Албанците, најави дека неговата партија оваа недела пред домашната јавност и пред дипломатите ќе ги презентира барањата и предлозите како нивен услов да дадат поддршка на уставните измени за внесување на бугарското малцинство во Уставот.
Денеска и премиерот и лидер на СДСМ Димитар Ковачевски навести нов дух во разговорите и соработката околу исполнувањето на клучниот услов за продолжување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Прашан дали ќе седне на разговори и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, Ковачевски денес рече дека е нормално да има средба со лидерите на сите политички партии секогаш кога ќе има прашање од интерес за сите граѓани. „Со Мицкоски се видовме кога беше францускот предлог, сега за енергетската криза, и тоа е една нормална комуникација помеѓу претседатели на парламентарни политички партии. Нормално дека ќе се видиме секогаш кога ќе има прашање кое е од интерес за сите граѓани, како што се гледаме и со претседателите на другите политички партии“, рече Ковачевски.
С.К.