„Ова ќе биде, од една страна, најслободната либерализација на канабисот во Европа, а од друга страна, ќе биде и најстрого регулираниот пазар“, рече Лаутербах, додавајќи дека реформата може да биде „модел“ за Европа.
Германскиот министер за здравство во средата ги откри плановите за декриминализирање на поседувањето до 30 грама канабис и дозволување на продажбата на кнабис на возрасни за рекреативни цели на контролиран пазар.
Останува прашањето дали планот одобрен од Кабинетот ќе се реализира, бидејќи Владата најпрво сака да биде сигурна дека е компатибилен со Законот на Европската унија.
Министерот за здравство Карл Лаутербах рече дека ќе продолжи со легислатива доколку таа има основа во европското законодавство.
Планот предвидува продажба на канабис на возрасни лица на лиценцирани продажни места, а целта е борба против организираниот криминал и црниот пазар, рече Лаутербах. Тој додаде дека владата има намера строго да го регулира пазарот.
Според предложената легислатива , одгледувањето канабис дома ќе биде дозволено во ограничен обем (до три растенија), а продажбата ќе биде можна во лиценцирани продавници и потенцијално во аптеки.
Продажбата на медицински канабис е дозволена во германските аптеки од 2016 година
Употребата на канабис би била дозволена само за возрасни, додека таа и понатаму е законски забранета за сите помлади од 18 години.
Според Лаутербах, четири милиони луѓе во Германија користеле канабис минатата година, од кои четвртина се млади луѓе на возраст од 18 до 24 години. Според Законот, нема да биде дозволено рекламирање за промовирање на потрошувачката на канабис.
Либерализација на законите за канабис
Легализирањето на контролираната продажба на канабис е една од серијата реформи наведени во минатогодишниот коалициски договор меѓу трите социјално либерални партии кои ја сочинуваат Владата на канцеларот Олаф Шолц.
Тие рекоа дека планот ќе обезбеди контрола на квалитетот, а истовремено ќе ги заштити младите луѓе и се согласија дека „социјалните ефекти“ од новата легислатива ќе можат да се видат по четири години.
Реформата, за која Лаутербах рече дека најверојатно нема да стапи на сила пред 2024 година, доколку е во согласност со законите на ЕУ, ќе ја направи Германија една од најлибералните земји во Европа во однос на легислативата за канабисот.
„Ова ќе биде, од една страна, најслободната либерализација на канабисот во Европа, а од друга страна, ќе биде и најстрого регулираниот пазар“, рече Лаутербах, додавајќи дека реформата може да биде „модел“ за Европа.
Владата нема да одредува цена, рече Лаутербах, туку ќе цели кон поставување на барања за квалитет.
Меѓу другите планови за либерализација, владата ја отстрани од германскиот кривичен законик забраната лекарите да „рекламираат“ услуги за абортус.
Владата, исто така, сака да го укине Законот стар 40 години според кој се бара од транссексуалците да добијат психолошка проценка и судска одлука пред официјално да го променат полот, процес кој често вклучува интимни прашања. Тој треба да биде заменет со нов „закон за самоопределување“.
подготвил: А.В
Извор: Еуроњуз