Премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто за британската мрежа BBC рече дека Северна Македонија има инвеститори од европските земји, Кина, канадски компании, а најголемиот инфраструктурен проект што ќе го има е изградбата на Коридорот 8 кон Албанија и коридорот 10Д, автопат меѓу два големи македонски града, Битола и Прилеп, кои ќе бидат изградени од американскиот „Бехтел“ во конзорциум со турската компанија „Енка“.
Во однос на енергетската криза, дополни дека е обезбеден финансиски антикризен пакет.
„Преку Светска банка, го обезбедивме најголемиот финансиски антикризен пакет, меѓу сите земји во регионот, којшто ќе биде наменет за најранливите категории на граѓани во земјата и за одржување на ликвидноста на компаниите. Дополнително, донесовме одлуки, започнувајќи од април годинава да ја субвенционираме цената на електричната енергија за сите граѓани и тие добиваат петпати помала сметка за електрична енергија што би ја плаќале без субвенциите од Владата. 72.000 компании што вработуваат 98 отсто од работниците во земјата, исто така, добиваат субвенционирана цена на електричната енергија. Ги намаливме буџетските ставки што не се неопходни во време на криза и ги пренаменивме овие средства за борба со кризата и за помош на најранливите, оние со најниски пензии, добиваат дополнителна помош, најранливите, 41.000 жители на државата, месечно добиваат средства. Ја зголемивме минималната плата, ги зголемивме пензиите за 10 отсто во државата и сето ова е насочено кон граѓаните на државата, бидејќи никој не смее да биде оставен сам“, речеКовачевски во интервјуто за BBC.
Премиерот Ковачевски дополни дека од јануари следната година, ЕУ ќе обезбеди 80 милиони евра буџетска поддршка за соочување со енергетската криза. За Западен Балкан, ЕУ ќе обезбеди половина милијарда евра за енергетска транзиција, а тоа значи нови електрани, нова инфраструктура за снабдување со гас преку пристаништата во земјите.