Уставниот суд со соопштение до јавноста извести дека од денеска работи со шест од потребните девет судии откако денес завршил мандатот на судијката Вангелина Маркудова која заминува во пензија.
Последната седница на којашто присуствувала судијката Маркудова се одржала во средата на 7 декември и тогаш завршиле нејзините работни обврски во Уставниот суд. Последниот предмет на која работела Маркудова е за Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица и по овој предмет Уставниот суд поведе постапка, односно изрази сомнеж во уставноста на членот 22 кој им овозможува на разрешените функционери или оние кои сами си дале оставка да земаат плата (апанажа) и по завршувањето на мандатот.
„И благодарам на колешката Маркудова затоа што даде пример што значи да се биде професионален судија без дамка и афера во нејзината правосудна кариера, посветен работник кој сите овие години обврските ги завршуваше дисциплинирано во работно време без да пропушти ден на работа и особено ми е драго што до крајот на својот работен век остана мирољубива и толерантна личност од која многумина може да учат“, изјави претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Вангелина Маркудова беше активна во правосудството од 1984 година, почнувајќи како приправник и стручен соработник во општинскиот суд Гевгелија во кој во 1986 година е избрана за судија. Во 1996 година е избрана за судија во Основниот Суд Скопје 1 во којшто од 2007 до 2013 суди дела од организиран криминал и корупција. На 21 ноември 2013 година беше избрана за уставна судијка како предлог на Судскиот совет, ангажман на кој се наоѓаше до денешното пензионирање.
„Ова е моја последна седница во Уставниот суд и сум горда што ќе се пензионирам и ќе си заминам со крената глава и чист образ. Го дадов својот максимум и секогаш, пред се и над се кога одлучував на ум ги имав граѓаните и нивните права“, рече Маркудова.
Вангелина Маркудова како уставна судијка во својот деветгодишен мандат работеше на 256 предмети како судија-известител, соопшти Уставниот суд.
С.К.