Според првите резултати од Пописот на населението, домаќинствата и становите во 2022 година, во Србија има 6.690.887 жители, соопшти денеска директорот на Републичкиот завод за статистика, Миладин Ковачевиќ.
Во однос на пописот од 2011 година, вкупниот број на жители е намален за 495.975, односно за 6,9 отсто, што, според Ковачевиќ, е помалку од очекуваното.
Намалување на бројот на жители е забележано во сите региони за околу 10 отсто, освен во белградскиот регион каде што бројот на жители е зголемен за околу 1,6 отсто.
Пописот од 2022 година собра податоци за 2.520.854 домаќинства и 3.628.175 станови. Позначителна промена не е забележана во вкупниот број на домаќинства (зголемување од 1,33 отсто), додека вкупниот број на станови е зголемен за 12,26 отсто во однос на пописот од 2011 година.
Најголем пораст на бројот на станови е забележан во белградскиот регион, 18,55 отсто.
Ова се првите резултати од пописот, а конечните ќе се објавуваат сукцесивно од април 2023 до јуни 2024 година.