Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа, во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување, вели поранешниот премиер Зоран Заев, по обвинувањата дека се договарал со Мијалков да биде пуштен на слобода.
По одлуката на Апелација да ја укине првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“, повторно се појавија шпекулации дека на овој начин се реализира пакетот што наводно му бил ветен на Сашо Мијалков, за неговото наводно „залагање“ осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да се одметнат и да гласаат за уставните измени што го аминуваа Преспанскиот договор.
„Тоа може да го зборуваат само луѓе што се занимаваат со шпекулации и лаги. Секогаш сум бил транспарентен за сѐ додека бев во политиката. Пратениците гласаа по сопствено убедување и нивните изјави беа насекаде низ медиумите“, изјави Заев за Фокус.
Тој потсети и дека веднаш испратил јавна и сериозна реакција кога ја слушнал одлуката на Апелацискиот суд.
„И уште еднаш ќе напоменам дека ниту јас, ниту кој било нема да има право да договара работи со кои се кршат законите и се заобиколува одговорност. Животот го ризикував за да го обелоденам незаконското прислушување. Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата во Македонија, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Повеќе од милион разговори предадов на СЈО“, рече Заев.
Поранешниот премиер оцени и дека најголем дел од предметите на поранешното СЈО завршија со судски пресуди.
„Најважниот предмет, или меѓу најважните, е тој со незаконското прислушување. И ако не се испорача казна, тогаш останува ризикот и други луѓе во иднина да го прават истото злосторство како што тоа го направиле Груевски и Мијалков. Затоа казна мора да има за секое незаконско дело, соодветна опишана во законот“, заклучува Заев.