„Наместо да се занимава со криминал и безбедност на граѓаните, полицијата се уште брка бугарски духови. Во споредба со времето на Милошевиќ, сега полицијата е уште побудна за секое јавно покажување на бугарската самосвест. Поголемиот брат сè уште гледа бугарски дресови, постери и лајкови на Фејсбук“.
Ова е извадок од колумната на директорот на бугарскиот културно-информативен центар во Босилеград, Србија, Иван Николов, објавена денеска на насловната страница на агенцијата БГНЕС – која што е нов осврт на бугарско-српските односи од страна на еминентни бугарски личности, кои изминатите неколку седмици испраќаат отровни стрели кон Србија и политиката на Белград кон Бугарија.
Во ова резиме на ситуацијата во Босилеград и Димитровград (наречен Цариброд) животот на Бугарите во овие два српски града се опишува како општа катастрофа за која една од причините е нивната депопулација и агонија во режија на српските власти „која трае веќе еден век“. Самиот наслов на колумната „Иван Николов: Вучиќ е пожесток спрема Бугарите и од Милошевиќ“ е само вовед во бројни обвинувања кон властите во Белград дека намерно го запоставуваат регионот бидејќи таму живее бугарско население, и дека изборите за националниот совет на националните малцинства во Србија се одржале без расправа и со фалсификувани избирачки списоци.
Поплаки од Бугарија има и за статусот на бугарскиот културно-информативен центар во Босилеград. „Бугарија отвори 11 државни културни институти во странство – во Берлин, Братислава, Будимпешта, Варшава, Виена, Лондон, Москва, Париз, Рим, Скопје и Прага, со кои методолошки и финансиски раководи Министерството за култура, а нивните активности се одвиваат во согласност со билатералните меѓувладини договори. Но, тоа не е случај со бугарските културно-информативни центри во српските градови Босилеград и Цариброд. Според локалното законодавство, тие работат како невладини здруженија“, вели Николов во интервју за Радио Бугарија.
Николов, притоа, работата на таквите бугарски центри во Србија ја споредува со работата на една читална од ерата на националната преродба во Бугарија. Според него, нивната работа е попречена од бавната европеизација на Србија, која го забавува отворањето на границите и развојот на регионот. „Нема дијалог меѓу двете соседни земји за бугарското малцинство во т.н. западни провинции. За еден век Босилеградци мигрирале во Бугарија, Србија и Македонија, а населението се намалило од 30.000 на 5.000-6.000 луѓе“, се жали тој.
Оцените се дека постои општа националистичка хистерија кон Бугарите во Србија и дека не е „здраво“ во Србија да кажеш дека си Бугарин, како и дека се врши србизација на Бугарите.
Незадоволството ескалираше по научната изложба која Белград пред дваесет дена ја постави на Правниот факултет на тема „Бугарските злосторства во окупирана Србија“ која го обработува периодот од 1915-1918 година кој е значаен по бугарскиот геноцид врз Србите, бугарските воени злосторства, како и бугарските масакри врз Србите во Македонија. Изложбата беше посветена, меѓу другото, и на десетици илјади убиени и 60.000 депортирани од страна на бугарските Срби.
На отворањето на изложбата во Белград беше речено дека во тој историски период насекаде во Србија и Македонија на мета на Бугарите биле свештениците, учителите, професорите, политичарите, адвокатите, државните службеници, вклучително и пензионери, трговци. „Се уште не е јасен точниот број на жртви меѓу српското цивилно население под бугарска окупација, но едно е јасно, дека се работи за истребување и бугаризирање на јужна Србија и денешна Северна Македонија“, пишувало во документите кои биле дистрибуирани на Правниот факултет во Белград. Оваа изложба предизвика жестоки реакции во политичките и историските кругови во Бугарија и беше проследена со коментари дека се базира на паушални и неточни историски податоци.
Засега бугарските барања кон Србија кои ги соопштува Николов, се уште се движат на периферијата на односите меѓу Бугарија и Србија. Меѓу барањата се и превод на учебници од српски на бугарски јазик, позитивна кампања за отворање настава на мајчин бугарски јазик, ослободување на медиумите на бугарски јазик за општествено ангажирано и професионално новинарство, официјална употреба на бугарскиот јазик, консумирање и создавање бугарска култура. „Сето ова сè уште е под будното око на старите југословенски комунисти со бугарско потекло и нивните радикални наследници“, вели Иван Николов кој засега настапува индивидуално но позицијата што ја има како прв човек на бугарскиот културен центар во Босилеград под капа на Министерството за култура во Софија, им дава и официјалност на неговите ставови.
„Билансот од последниот попис – жителите на Босилеград и Цариброд за една деценија се намалени за 4.001 жител! Останува да видиме колку Бугари во Србија се осмелуваат да се изјаснат за својата националност. Не се објавени ниту другите статистички податоци кои се важни за целокупната слика на бугарските општини и планирањето во наредните години. Онаму каде што бугарското присуство беше најизразено, сега е во тек неповратен процес на депопулација“, вели тој обвинувајќи ја политиката на Србија за економска стагнација на подрачјето каде живее бугарското малцинство.
С.К.