Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој денеска е во официјална посета на земјава, одржаа тет-а-тет средба, на која разговараа за повеќе прашања од интерес на двете земји.
На средбата Ковачевски – Пленковиќ беше оценето дека взаемната соработка и билатералните односи меѓу двете земји се одлични, со фокус на продлабочување и зајакнување и на економски план.
Заеднички беше констатирано успешното градење на билатералните односи, како и тоа дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени прашања. По тет а тет средбата, премиерите на двете земји, одржаа билатерална средба заедно со владините делегации.
На средбата, во состав на македонската делегација беа вицепремиерите и министри Артан Груби, Бојан Маричиќ, Фатмир Битиќи и Азир Алиу, како и нашиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи.
На билатералната средба заеднички беше констатирано дека Република Хрватска, е еден од нашите најсилни поддржувачи на патот кон евроинтеграциите, поддршка која никогаш не губи на интензитет, туку напротив, постојано се засилува.
Двете страни ја истакнаа констатацијата за успешното градење на билатерални односи, како и тоа дека Северна Македонија и Хрватска немаат отворени, нерешени прашања.
Во насока на негување на долгогодишната соработка меѓу двете земји, досега се склучени дури 44 меѓународни билатерални договори и документи, а во фаза на иницијатива се уште петнаесетина.
За одличната билатерална соработка зборуваат и 15 твининг проекти, како и користење на хрватското искуство во пристапните преговори со ЕУ. Ковачевски, на средбата истакна дека ќе продолжиме засилено да работиме во насока на продлабочување на односите со Хрватска, проширување на соработката, зацврстување на заемната доверба, разбирањето и добро соседството.
Беше изразена определбата на двете земји во следниот период да се работи на зајакнување на економската соработка. Вкупната трговска размена меѓу двете земји за 2022 година изнесува 217 милиони евра и има потенцијал за зголемување на истата. Осврнувајќи се на хрватските инвестиции во земјава, Ковачевски констатираше дека најмногу се застапени во услужниот и прехрамбениот сектор,а додаде дека има простор за зајакнување во фармацевтската индустрија, транспортната инфраструктура, градежните компании и туризмот.
Беше констатирано значењето и понатамошното јакнење на економската соработка преку активностите на хрватско-македонскиот бизнис клуб во Загреб, чија основна цел е зголемување на трговската размена меѓу нашите земји.
Потенцирано е дека двете земји, како НАТО сојузници, цврсто се посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорноста кон НАТО и придонесот во меѓународните мировни операции, споделувајќи заеднички ставови во однос на состојбите во регионално и мултилатерално ниво за мир и стабилност на регионот.