Заменик претседателот на Судски совет, Селим Адеми ја разреши од функција претседателката Весна Дамева. На денешната седница, Адеми повика на гласање за нејзино разрешување, при што седум члена го поддржаа, по што тој констатира дека Дамева е разрешена и во нејзино присуство го презеде раководењето со седницата.
За утре во 11 часот е закажана седница за избор на нов претседател на Судски совет.
Уште од почетокот на денешната седница, состојбата во салата беше тензична. Заменикот Адеми ја нападна Дамева оти две недели го криела писмото од амбасадорката на САД во земјава, а таа се оправда дека била на одмор.
Според претседателката Дамева, писмото не е вистинска причина за барањето за нејзино разрешување, туку дека сакаат да биде разрешена пред да бидат изгласани сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е одговорноста кај судиите.
Дамева на функцијата беше само четири месеци. Беше избрана на 5 декември 2022 година.