Блупринт групата за реформи во правосудството испрати соопштение во кое изрази загриженост за последниот развој на настаните во Судскиот совет. Како што дсе вели во соопштението, вчера, на 4 мај 2023 година во период од помалку од четири часа, Судскиот совет одржа дури три одделни седници на кои, наместо да ги исправи повредите сторени на седницата на 26 април 2023, продолжи со практиката на повреда на одредбите од Законот за Судскиот совет.
„Како група на граѓански организации будно ги следевме случувањата околу разрешувањето на поранешната претседателка Весна Дамева и сме непријатно изненадени од разврската и изборот на нов претседател на Судскиот совет. Особено е погубно тоа што мнозинството од членовите на Судскиот совет останаа глуви на забелешките од страна на огромен број водечки правни експерти, граѓански организации и медиуми дека на седницата одржана на 26.4.2023 се случи флагрантна и недопустлива повреда на Законот за Судскиот совет и Деловникот на Судскиот совет“, се вели во реакцијата.
Се додава и дека „за жал и на штета на владеењето на правото членовите на Судскиот совет направија неуспешен обид да го ‘озаконат’ своето незаконско постапување од 26.4.2023, повторно со повреда на одредбите од Законот за Судски совет и Деловникот со кој се уредува нивната работа“.
„Во две од трите седници одржани вчера беше незаконито исклучена јавноста со повикување на чл. 39 ст. 2 од Законот за Судскиот совет, според кој јавноста може да биде исклучена единствено и само ‘заради заштита на угледот и интегритетот на судијата или кандидатот за судија’ што не беше случај. Меѓучовечките односи помеѓу членовите на Судскиот совет не се и не можат да бидат основ за исклучување на јавноста. Потенцираме дека не се работи за приватни односи помеѓу вработени лица туку за односи помеѓу носители на јавна функција, членови на колективен орган со особено значајни уставни надлежности, и затоа Судскиот совет како институција не треба да биде заложник на меѓучовечките односи на неговите членови“.
Во реакцијата се тврди и дека согласно член 38 од Законот за ССРСМ и член 11 од Деловникот на Судскиот совет, денот на одржување на седница на Советот се објавува на веб страницата на Советот веднаш по закажување на седницата истовремено со доставување на поканата до членовите на Советот. Поканата се доставува најмалку 7 дена пред денот на одржување на седницата, но постои можност поради итни и неодложни работи седницата да се закаже и во пократок рок.
„Седницата на која е избран новиот претседател беше свикана од заменик претседателот на невообичаен начин вон работното време на Советот, петнаесетина минути пред самиот почеток на седницата, што е директно прекршување на законските одредби кои се однесуваат на транспарентност и јавност во работата на Советот“, велат од Блупринт групата за реформи во правосудството.
„Убедени сме дека со последниве случувања, Судскиот совет е на пат да го загуби целосно легитимитетот да избира, оценува и разрешува судии. Легитимитетот, покрај од Уставот, во суштинска смисла треба да извира пред сѐ од стручноста, професионалноста и интегритетот на членовите на овој орган кои со своето познавање на правото треба да бидат пример за севкупната правосудна фела посебно кога станува збор за судии и истакнати правници“, велат во реакцијата.
Групата Блупринт во која членуваат повеќе невладини организации, му порача на Судскиот совет и дека оценувањето на работата на судиите, кое е во негова надлежност, треба да го вршат исклучиво лица кои со своето професионално искуство и знаење покажале дека се стручни и независни, а не „лица кои се обидуваат да ги заобиколат законите за да остварат одредена цел која не е поврзана со правото и за која оправдано постои сомнеж за постоење на политички влијанија“.
„Четири од петте избрани членови на Судскиот совет од страна на Собранието со исклучок на Весна Дамева беа поддржувачи на одлуката од 26.4.2023 година, која по тврдењата на Дамева е донесена под политички притисок, со што се поставува прашањето во јавноста дали до оваа состојба во Судскиот совет дојде по основ на политички влијанија врз членовите кои не доаѓаат од редот на судиите“, додаваат од Блупринт.
На крајот се вели и дека овие случувања за жал ќе предизвикаат особено црна дамка врз правосудството во целина иако одговорноста е пред сѐ кај членовите на Судскиот сове и дополнително негативно ќе влијаат на довербата во правосудството која и така е на незавидно ниско ниво.