Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска заедно со директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во технолошко-индустриската развојна зона Штип присуствуваше на почетокот на градежните работи на нова фабрика, инвестиција на „Магна Мехатроникс“, која произведува интегрирани системи од механички и електронски компоненти и е една од групациите на канадската компанија „Магна Интернационал“.
„Магна Интернационал“ е реномирана светска компанија, која е специјализирана да дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти кои се испорачуваат на сите позначајни производители на автомобили во светот. Се работи за проширување на опсегот на работа на компанијата со нов инвестициски проект, покрај фабриката на компанијата во ТИРЗ Струга.
„Оваа инвестиција е јасен сигнал дека Северна Македонија нуди поволен и предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции. Тоа е резултат на нашите стратешки политики, како што е членството во НАТО, како и почетокот на преговорите со Европската Унија. Доаѓањето на странски познати компании кај нас значи повисок инвеститорски рејтинг, отворање на нови и подобро платени работни места, а за нашите граѓани повисоки плати и можности за докажување на стручноста и умешноста на светските пазари“, рече Ковачевски нарекувајќи ги Технолошко-индустриските развојни зони „моторот на нашата економија“.
Спомнувајќи ги последните странски инвестиции како „Герејсхајмер“ и „Јагео“, Ковачевски зборуваше и за резултатите постигнати во технолошко-индустриските развојни зони.
„Бројот на вработени во технолошки-индустриските развојни зони во април годинава повторно бележи раст и достигна 16.700, што е за 15% повеќе од април 2022 година, односно 20% повеќе од 2021 година. Продолжува и растот на извозот кој заклучно со април достигна 1.2 милијарди евра. Само во април, компаниите во ТИРЗ реализирале извоз од 277 милиони евра што е за 12% споредено со април минатата година. Бележиме и пораст на приливите во Буџетот, каде компаниите во зоните, уплатиле 35% повеќе средства во Буџетот на државата во 2022 година споредено со 2021 година. Односно за едно евро исплатено од државата, компаниите назад во буџетот враќаат најмалку четири евра. За Северна Македонија како успешна приказна, ќе се слуша сè повеќе и повеќе! Одиме напред и само напред, со нови успеси, со нови инвестиции, отвораме нови работни места и ја развиваме домашната економија“, рече тој.
Директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски нагласи дека е задоволство по една година преговори да се присуствува на камен темелник за новата фабрика на „Магна Мехатроникс“.
„Со оваа инвестиција обезбедуваме право на пристоен живот за најмалку б00 наши сограѓани од овој регион со плати 20% над државниот просек“, изјави Деспотовски..
Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“, Дејвид Креспи рече дека нивната втора постројка во Македонија е уште еден чекор на нивниот пат кон проширување на бизнисот во регионов.