Иранскиот писател Салман Ружди вчера на годишната гала вечера на ПЕН Америка во Њујорк се појави за прв пат по минатогодишната повреда, објавија американските медиуми.
„Убаво е да се вратиш, наспроти невраќањето, што постоеше како можност. Навистина ми е драго што коцките се свртеа вака“, им рече Ружди на присутните во Американскиот природонаучен музеј, каде што беше пречекан со овации.
Во 1989 година, исламското раководство на Иран му наметна фатва на Ружди поради романот „Сатански стихови“, по што тој со децении живееше под безбедносна заштита.
Познатиот романсиер со индиско-иранско потекло, натурализиран Американец кој живее во Њујорк, доби почесна награда од организацијата чиј претседател беше. Неговото пристигнување било ненајавено и им се обратил на присутните околу 700 луѓе.
На 12 август минатата година, Ружди беше поканет на книжевна конференција во мало гратче во северозападниот дел на државата Њујорк. Во моментот кога почнал да зборува, млад Американец со либанско потекло вооружен со нож го нападна и го избоде десет пати.
Гледачите и чуварите го совладаа напаѓачот кој веднаш беше уапсен, обвинет и затворен во очекување на судењето.
„Да не беа тие луѓе, сигурно немаше да бидам овде денес. Бев цел тој ден, но тие беа херои… Им го должам животот“, изјави Салман Ружди.
Неговиот агент минатата година откри дека Ружди го изгубил видот на едното око и не може да ја користи едната рака. Во Њујорк, Ружди носеше очила со црно стакло на едното око.
Во февруари, кога беше објавен неговиот последен роман „Градот на победата“, писателот за магазинот „Њу Јоркер“, во своето прво интервју по нападот, изјави дека имал многу проблеми со пишувањето и дека страдал од посттрауматско стресно растројство.