Пред неполни четири години на Општина Куманово под неразјаснети околности и беа одземени ингеренции врз градинката „Ангел Шајче“ – Куманово, при што Министерството за труд и социјална политика во тогаш нетранспарентна и недемократска постапка ја реизбра актуелната директорка на оваа институција, спротивно на статутот на институцијата, со што и овозможи да менаџира со оваа установа 20-тина години, објави денес градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, адресирајќи критики до Министерството за „упад“ во неговите надлежности.
Повторно пред 2 месеци, ова Министерство преку ресорната министерка Јованка Тренчевска изврши одземање на надлежностите на општина Куманово за избор на директор на Детската градинка врз база на неоснована и тенденциозна постапка. Тоа се потврди со тоа што експресно од страна на Министерството беше поништено решението за одземање на надлежностите и истите ни беа вратени веднаш по нашата рекација, вели тој.
Димитриевски тврди дека во продолжување на постапката за именување на директор на ЈОУ „Ангел Шајче“, општина Куманово има постапено согласно своите законски надлежности, но сепак од Министерството добива второ укажување на определени материјални и процедурални недостатоци во работата, коешто, како што смета тој, е неосновано, тенденциозно, и ги наведува општинските власти да постапат спротивно на законот и статутот на установата.
Градоначалникот вели дека по првиот доставен предлог за избор на кандидат за директор на детската градинка „Ангел Шајче“ – Куманово од страна на Управниот одбор, тој во законски предвидениот рок испратил известување до Управниот одбор дека предложениот кандидат не ги исполнува условите за директор на оваа јавна установа.
„Ако се земе предвид дека предложениот кандидат 20 години е директор на установата, согласно член 37 од Статутот тој нема право на повторен избор пред истек на четири години од неговиот последен избор“, вели Димитриевски.
Тој тврди дека им укажал на членовите на Управниот одбор со допис дека умисленото и свесното постапување спротивно на законите и Статутот се кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Но и покрај тоа, до него по втор пат е доставен предлог за избор на кандидат за директор со кој повторно се предложува истиот кандидат кој не ги исполнува условите.
Од општина Куманово е поднесена кривична пријава против членовите на Управен одбор. „Јас како градоначалник не го прифатив предлогот за што го известив Управниот одбор, т.е установата и донесов Решение за именување на вршител на должност директор на ЈОУДГ „Ангел Шајче“ – Куманово, кој согласно закон функцијата ќе ја извршува од 01.06.2023 година до именување на нов директор, т.е избор на нов директор и тоа најмногу во рок од 6 месеци од денот на неговото именување“, појасни Димитриевски.
Тој притоа го обвини Министерството за притисок врз локалната самоуправа за да наметне решение за директор по партиски клуч, односно вели тој, да се овозможи таканаречените „вечни директори“ да продолжат да менаџираат со институциите на локално ниво, штитејќи ги партиските интереси.
Актуелниот директор е директор на институцијата цели 20 години, а на истиот по сила на закон по основ на пензионирање му престанува работниот однос за неполни 2 години, со што не е во можност да ја реализира и понудената четири годишна програма за работа на оваа установа.
„Евидентно е дека ваквото тенденциозно постапување од ресорните министерства во делот на одземање на надлежностите на локалната самоуправа се зачестена појава во државата во повеќе градови во последниот период и јасно укажува дека државниот апарат се повеќе се користи за остварување на партиските и политички цели“, обвини градоначалникот на Куманово.