ДУИ предложи на опозицијата план од три точки со цел решавање на политичкиот ќорсокак, во кој се наоѓа земјата, поради потребата од уставни измени.
На денешната прес конференција, шефот на дипломатијата Бујар Османи кој е и портпарол на ДУИ рече дека „ДУИ не е партија што мисли за следните избори, туку за идните генерации и токму затоа е спремна да се откаже од сите владини функции“.
Според планот што го предлагаат првиот чекор би бил ВМРО-ДПМНЕ да ги подржи уставните амандмани кои би влегле во сила до одржување на втората меѓу-владина конференција. Веднаш потоа како втор чекор ДУИ би се повлекла од сите позиции во Владата вклучувајќи и тоа што би го добиле дали како позиција или како опозиција во техничката влада. „Значи од сите можни позиции од идната техничка Влада“, порача Османи.
Финалниот чекор е доколку се прифати планот на ДУИ, веднаш да започне истрага за политичките партии, почнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и за сите останати носители на јавни функции со присуство на експерти на меѓународната заедница, за да се обезбеди објективност и транспарентност на истрагата.
Како што појаснија од ДУИ, целта на последниот чекор е „да се стави крај на политичките пресметки и неоснованите политички обвинувања на одредени субјекти за учество во криминални активности на носители на јавни функции“.
„Нема да дозволиме било кој да не етикетира повеќе. Ајде бидете мажи утре да викнеме меѓународна истрага, наша домашна истрага и да ве ставиме на листа и Мицкоски и Ахмети и Ковачевски и останатите и јас и другите, ако треба и на јавни истраги и да видиме што ќе излезе од тој процес. Тоа ни е на нас сега услов“, рече Бујар Османи.
С.К.