Известувачот за Република Македонија Ричард Ховит и известувачите во сенка за земјата од Европскиот парламент попладнево по долг состанок по повод синоќешното одложување на гласањето за Резолуцијата за Македонија, излегоа со заедничко соопштение во кое побараа итно решавање на политичката криза во земјата.
Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на ЕП го поддржал предлогот на известувачот Ховит, како и на известувачите во сенка, за одложување на гласањето со цел да се остави шанса на политичарите во земјата да најдат начин за излез од сегашниот ќор-сокак, го пренесува МИА соопштението потпишано од Ховит и петмина други известувачи во сенка кои ги претставуваат различните групи во Европарламентот.
– Како убедени поддржувачи на приклучувањето на БЈР Македонија на Европската унија, ние ја изразуваме нашата длабока загриженост во врска со политичкиот застој и настаните од 24-ти декември. Имајќи ја предвид несомнената амбиција на земјата да продолжи кон членство во ЕУ, ние ги повикуваме сите политички лидери да продолжат со значаен политички дијалог, да стават крај на ќор-сокакот и да ја вратат земјата на вистинскиот пат на процесот на интеграцијата, се вели во соопштението.
– Преку смела политичка акција во деновите што следат, БЈР Македонија има шанса да ја искористи манифестната историска шанса и да направи важен чекор во процесот на пристапување во Унијата. Сепак, неуспехот да се постигне брзо решавање на ќор-сокакот може да има негативни и делекусежни последици со потенцијал да му наштетат на процесот на европска интеграција во годините што следат, се додава во прогласот од Европскито парламент.
– Во овој критичен момент, политичките партии мора да ги остават на страна партиските и личните разлики со цел поддршка на виталните интереси на земјата. Тоа е она што граѓаните на оваа земја го очекуваат и заслужуваат. Имајќи ги предвид најдобрите интереси за ЕУ-интеграцијата на БЈР Македонија, Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) даде поддршка на нашиот предлог да се одложи гласањето за извештајот на Европскиот парламент и да им даде шанса на политичарите во земјата да најдат начин за излез од последниот застој во ова клучно време, наведуваат европратениците задолжени за Македонија во европскито законодавен дом.
– Ние ја повторуваме нашата убеденост дека иднината на БЈР Македонија е во ЕУ и ја повтрдуваме нашата подготвеност за поддршка на земјата на нејзиниот пат кон членството, се вели на крајот во соопштението кое е потпишано од известувачот Ричард Ховит, кој е и член на европските Социјал-демократи, но и од известувачите во сенка-Едвард Кукан (Европски народни партии), Норика Николај (Алијанса на либерал-демократи), Марие Корнелијсен (Партија на зелените), Чарлс Тенок (Европски конзервативци и реформисти) и од Хелмут Шолц (Европски обединети левичари/Нордиски зелени левичари)