Денеска во 17 часот илјадници граѓани се собраа на мирен протестен марш изразувајќи ја својата подршка за Фросина Кулаковска и сите жртви од сообраќајки.
Граѓаните протестниот марш го започнаа на „Илинденска“, на местото каде беше прегазена 22-годишната Фросина од Неготино. Протестот започна со триминутен молк, а потоа насобраните се упатија кон Собранието, преку Јавното обвинителство и заврши пред Кривичниот суд. На секоја точка беше оддавана почит со триминутно молчење.
На протестот беше присутно и семејството на Фросина Кулаковска.
Преку бројни транспаренти се бараше правда и одговорност, се слушаа и извици „Секој еден може да е следен“, „Правда за Фросина“, „Правда за жртвите“, „Оставки“ , „Убијци“ и слично.