Меѓу стотиците луѓе кои неодамна се собраа во Сул, во поранешна Источна Германија, за да го слушнат говорот на Бјорн Хеке, еден од најконтроверзните политичари на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), имаше голем број млади луѓе.
Германските млади гласачи на денешните избори најмногу ги поддржале крајно левите и крајно десните партии, покажуваат првичните анализи на реномирани германски агенции за истражување на јавното мислење, пренесува ДПА.
Според „Форшунгсгрупе Вален“, Левицата (Die Linke) добила најмногу гласови меѓу младите под 30 години – 24 отсто, а веднаш зад неа е десничарската Алтернатива за Германија (АфД) со 21 отсто.
Анализата на „Инфратест димап“ покажува слични резултати – Левицата со 25 отсто, а АфД со 20 отсто меѓу гласачите од 18 до 24 години.
Централно-десничарскиот блок ЦДУ/ЦСУ е на третото место со 13 проценти, а Зелените и социјалдемократите (СПД) ја делат четвртата позиција со 12 отсто од гласовите на младите.
Успехот на АфД го „туркаат“ младите
Меѓу стотиците луѓе кои неодамна се собраа во Сул, во поранешна Источна Германија, за да го слушнат говорот на Бјорн Хеке, еден од најконтроверзните политичари на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија – AfD, имаше голем број млади луѓе.
Хеке, поранешен професор по историја, беше прогласен за виновен за употреба на нацистичка терминологија во говорот и се соочи со критики дури и во неговата партија, која се смета за отпадничка од главните партии во Германија. Сепак, за многумина тој е идол.
Кога Хеке беше прашан за неговата популарност меѓу младите и дали се смета за добар модел за нив, тој беше јасен во својот одговор:
„Ако тие… ме гледаат како нешто како поп-ѕвезда, тогаш тоа е во ред, бидејќи и на младите им требаат такви идоли“, изјави тој за американската мрежа минатата недела.
Хеке е способен да привлече голема толпа, тој е многу популарен во овие краишта. Победата на АфД во државата на изборите минатата година ја направи првата екстремно десничарска партија што победила на какви било избори од нацистичката ера наваму.
Трендот младите гласачи да ја избираат АфД за свој политички израз е феномен кој расте низ Германија.
Анкетите за изборите за Бундестагот и успехот на АфД на регионалните избори минатата година, покажуваат дека партијата се трансформирала од регионална во национална сила. Ако резултатите од европските избори минатата година – кои забележаа зголемување од 18% кај 16-34-годишниците кои гласаа за АфД, се барометар, порастот на национално ниво меѓу истата група може да претставува значителен фактор за искачувањето на партијата на второ место меѓу германските политички партии.
АфД во Тирингија е означена како екстремистичка организација од страна на германското домашно разузнавање, а Хеке е нејзин регионален лидер.
Но, многу од младите со кои разговараше „Си-ен-ен“ не се обидоа да го сокријат своето восхитување од Хеке – некои дури рекоа дека дошле специјално да го слушаат него.
Данте Рајдел, 26-годишен студент, стоејќи покрај штанд на кој се продава германското крајнодесничарско списание „Компакт“, рече дека тој е исто така означен екстремист.
За Рајдел, Хеке е идол: „Се работи и за личности… кои отелотворуваат одредени вредности. А она што навистина го ценам за Хеке е тоа што тој е искрен… и зборува јасно“.
Тој детализира дел од неговата идеологија и она што го смета за важно за него. Особено почитувањето на националистичките, експанзионистичките и милитаристичките периоди од историјата.
„Пруски доблести, работи како трудољубивост, дисциплина. Тоа се работи кои се важни, вклучувајќи ги и кардиналните доблести од антиката“, рече тој.
Миграцијата во фокусот
На митингот, „Си-ен-ен“ исто така се сретна со 23-годишниот Ерик Енгелхард, шеф на Тирингиските млади алтернативци, кој навидум е обичен ученик. Тој ја помина вечерта фотографирајќи го Хеке.
„Миграцијата е мајка на сите кризи. Имаме многу илегални имигранти во оваа земја… кои не се однесуваат како што треба. И мислам дека многу од проблемите што ги имаме денес… се исто така предизвикани од миграцијата, неконтролираната масовна имиграција“, вели Енгелхард.
Истата недела, автомобил управуван од мигрант од Авганистан удри во мирен протест во центарот на Минхен, а од повредите починаа 36-годишна жена и двегодишно дете. Повеќе од 30 луѓе беа повредени во нападот.
Тоа беше трет сличен напад во последните три месеци. Во јануари, авганистански мигрант уби две лица во напад со нож во Ашафенбург, додека нападот со автомобил на божиќниот пазар во Магдебург, извршен од доселеник од Саудиска Арабија, однесе шест животи.
Оваа серија напади го доведе прашањето за миграцијата во првите редови на политичката дебата.
Одговорот на АфД на ова беше повик за „ремиграција“ – масовно враќање на мигрантите.
Терминот има нацистичка конотација. Енгелхард го нарече „научен термин“ и инсистира дека тие не бараат депортација на луѓе, туку едноставно сакаат построги миграциски политики.
Сепак, лидерката на АфД, Алис Вајдел, за „Си-ен-ен“ во јануари изјави дека веднаш ќе започне да ги „депортира сите илегални имигранти“ доколку победи на изборите.
Без оглед на етикетите, врските со екстремистички поединци и реорганизацијата на неговата политичка групација, Енгелхард останува убеден дека иднината на Германија е во рацете на младите луѓе.
„Фактот што толку многу млади луѓе сакаат да гласаат за АфД значи дека и ние имаме иднина“, вели тој.