Ние сме посветени како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план, нагласи попладнево премиерот Христијан Мицкоски, кој е на прва официјална посета на Турција.
Mорам да ги потврдам добрите односи меѓу двата народа. Кај нас турската заедница е лојален дел од македонското општество, исто како што и македонската заедница во Турција е значаен дел развојот на Турската држава. Јас во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател. Неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со мојата татковина, и воедно ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, во Охрид и на било кое место кај нас, и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро. Уверен сум дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи да се развива во духот на заемното почитување и заедничките интереси, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани, рече премиерот.
Мицкоски потенцира дека имал исклучително значајна и конструктивна средба со претседателот Ердоган и посочи оти оваа средба е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.
Мицкоски и Ердоган потпишаа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Премиерот нагласи дека Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.