Берлин: Германската парламентарна комисија за буџет денеска го отвори патот за дополнителна помош за Украина во вредност од три милијарди евра, откако најверојатно идниот канцелар Фридрих Мерц ги истурка реформите за зајакнување на инвестициите во одбраната.
Двата дома на парламентот ги одобрија плановите на конзервативците на Мерц и на социјалдемократите, кои преговараат за формирање на следната германска влада.
Потегот за зајакнување на поддршката за Украина беше потврден во изјавата на министерката за надворешни работи, Аналена Бербок.
Трите милијарди евра вклучуваат 2,547 милијарди доделени на Украина од страна на Министерството за финансии оваа година, вклучувајќи го и надоместокот од Европскиот мировен фонд.
Министерството за финансии, исто така, има намера да одобри обврски за 8,252 милијарди евра воена помош за Украина во периодот од 2026. до 2029 година, со што вкупниот износ ќе достигне повеќе од 11 милијарди евра.