Пожарот во Струмичко е ставен под целосна контрола и нема опасност по населени места ниту по околните викендици, објавија вечерва од Центарот за управување со кризи – ЦУК.
Според изјавата на градоначалникот Костадин Костадинов, пренесена преку ЦУК, несовесни граѓани со палење на стрништа го предизвикале големиот пожар.
Нашите пожарникари од Струмица со поддршка од пожарникари од Радовиш, Валандово и Гевгелија, за што сум им крајно благодарен, успееја за многу брзо време да го неутрализираат, односно да го локализираме без притоа да имаме изгорени куќи или не дај Боже човечки жртви. Јас само уште еднаш апелирам на свест и совест кај граѓаните дека со огнот нема играчка и дека треба да бидеме одговорни граѓани за да не ни се случуваат такви катастрофи, изјави Костадинов.
Тој појасни дека горат само уште на две точки кои природно ќе изгаснат, а и пожарникари ќе останат да дежураат во текот на ноќта.