„Солун е со тебе Кочани“, „Нивните профити или нашите животи“, „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“, „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“, „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Истовремено, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.
На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“.
Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.
Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка, пишуваше во повикот.
За собирот, со вклучувања во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун.