Турската полиција денеска приведе 11 лица поради повикување на еднодневен бојкот на продавниците, како дел од протестот против апсењето на главниот ривал на претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавија државните медиуми.
Главното јавно обвинителство на Истанбул издаде налози за апсење на 16 осомничени во истрагата за „омраза и дискриминација“ и „поттикнување омраза и непријателство“ во јавноста, пренесе Бета повикувајќи се на Анадолија.
Меѓу приведените е и актерот Џем Јигит Узумоглу, кој го играше султанот Мехмед Освојувачот во документарната серија на Нетфликс, „Подемот на империите: Отоманска“, соопшти Синдикатот на актерите.
Осомничените се приведени поради објави на социјалните мрежи со кои луѓето вчера се повикуваа да не трошат пари, а продавниците и деловните субјекти да бидат затворени во знак на солидарност.