Преземањето на реципрочни мерки кон САД не е добар избор за Македонија. Напротив. Добри изгледи би имало евентуално Барање на македонската Влада за одложена примена на новите царини за Македонија (грејс период за примена на новите царини), за во меѓувреме да се бараат алтернативи во договарање на слободна трговија, одбегнување на двојно оданочување, промена на македонските царински тарифи итн.
Интервјуто со М-р Павле Гацов – претседател на Здружението на даночни советиници на РМ, ги разгледува чекорите кои се очекуваат по воведувањето 33 отсто царини од САД за нашата држава. Кој би бил добар избор и како да се одговори на овој глобален економски предизвик. Што ќе се случи со македонските фирми кои работат за американскиот пазар.
Нова: Македонското стопанство е кревко и зависно, пред се од земјите од ЕУ, што вели вашето искуство во оваа област, ќе успее ли да се снајде македонската економија и кој први чекори би можеле да се очекуваат и од Владата и од коморите?
Гацов: На почетокот на владеењето на новата американска администрација, економските политики на САД засега не се движат по јасна и конзистентна економска траекторија. Насочени се против сите, односно истите ги штитат американските интереси и претставуваат форма на економски протекционизам.
Економските силни држави ќе одговорат со противмерки, односно ќе воспостават политика на реципроцитет кога се работи за трговските и царинските давачки, било преку одмазднички акции или пак со некаква форма на преговори со амариканските авторитети. Евентуалните реципрочни трговски и царински мерки ќе влијаат на намалување на светската трговија, а тоа ќе влијае на намалување на потенцијалниот економски раст на глобално ниво.
Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам. Нивна прва опција е да ги прифат фактите за својата економска сила и да пробаат да репреговараат пониски царински стапки со американската администрација. Евентуалното исклучување на овие земји од царинските бариери на САД нема да ја погодат американската економија, но на овие земји, царинското олеснување ќе значи многу.
Македонската економија е мала и слаба, со мал извоз кон САД. Иако главниот удар нашата економија нема да го претрпи од директните економски односи со САД, сепак заради комплексноста и испреплетеноста на светската трговија, значаен дел на македонскиот извоз ќе претрпи штета предизвикана од импактот на американските царински мерки врз нашиот главен трговски партнер ЕУ. Македонските компании со странски капитал се подизведувачи на Европските компании кои извезуваат во САД. Намалената побарувачка за европските производи (возила, пред се) ќе значи и намалена побарувачка од македонските компании со европски капитал, кои пак вработуваат македонски граќани и плаќаат даноци и придонеси во Македонскиот буџет. Системот на врзани садови во економијата на глобално ниво, ќе влијае и на македонскиот буџет предизвикувајќи помал приход од потенцијалниот. Намалената побарувачка од македонските компании ќе влијае на нивната профитабилност (помали приходи) и на потребата од намалување на трошоците, што е пак ризик за вработените што работат во македонските компании извозници во ЕУ и САД.
Преземањето на реципрочни мерки кон САД не е добар избор за Македонија. Напротив. Добри изгледи би имало евентуално Барање на македонската Влада за одложена примена на новите царини за Македонија (грејс период за примена на новите царини), за во меѓувреме да се бараат алтернативи во договарање на слободна трговија, одбегнување на двојно оданочување, промена на македонските царински тарифи итн.
Посериозните мерки за целосно премостување на новата состојба се и подолгорочни, имено се работи за барања на алтернативни пазари за директен македонски извоз, што во услови на подизведувачка позиција на македонските компании е директно поврзано со компаниите мајки и со тоа водењето на самостојна трговска политика е речиси исклучено.
За останатите дејности, на пример земјоделски производи, текстил, тутун и др. сепак постојат опции за барање на алтернативни пазари во кои царинските стапки не би биле сериозен импакт на македонската ценовна предност.
За илустрација, за првите 2 месеци од 2025 година, нашиот извод во САД пораснал за 4 пати (од 10 милиони долари на 39 милиони долари, а увозот е намален од 32 милиони долари на 27 милиони долари. Македонија има суфицит во директната трговија со АСД од 12 милиони долари.
Нова: Веројатно ќе поскапат и услугите, ќе поскапе ли и животот на граѓаните во Македонија?
Гацов: Македонски компании и македонски фриленсери работат на американскиот пазар на услуги, особено во делот на логистиката, транспортот, програмирањето, е-услугите и сл. Нив овие мерки директно не ги засегаат. Но индиректен импакт заради лоштите економски прогнози сепак ќе имаат влијание и врз нивните ангажмани. Не треба да се заборави дека и американски компании во сферата на услугите остваруваат големи добивки на македонскиот пазар, технолошките гиганти и разните глобални платформи наплатуваат од македонските граѓани и компании милиони долари приходи кои во најголем дел не се зафатени со никакви јавни давачки кои ќе одат во корист на Македонскиот буџет.
Нова: Дали царините ќе влијаат и како врз даноците и целокупната даночна политика и какви мерки би требало брзо да преземе Владата?
Гацов: Царините имаат двојна функција, да го штитат домашното производство и да обезбедат фискални извори за алиментација на Буџетот. Истата улога може да ја играат и даноците (пред се оние на потрошувачката) иако во индиректна и општа форма. Самото зголемување на царинските стапки при увозот во САД нема директно влијание врз даночните стапки во Македонија, но влошувањето на трговските односи (помалиот извоз, помалата побарувачка, намалување на бројот на вработени итн.), може да ги намали буџетските приходи во домашниот буџет што може да биде причина за дополнително зафаќање од други извори или да доведе до зголемување на даночните стапки, со еден збор до зголемување на даночниот товар.
Нова: Според вашите првични сознанија кои стопански дејности ќе бидат најпогодени – индустријата, земјоделството, градежиштвото или друга гранка?
Гацов: Најпогодени ќе бидат директните извозници во САД, по нив извозниците во европските компании кои извесуваат во САД, без оглед на која гранка припаѓаат. Олеснителни околности ќе имаат компаниите кои не се врзани во линијата на добавувачи на американски компани, со можноста своите производи да ги продаваат под конкурентни услови на други пазари (без царини, или со ниски царински стапки).
Македонското Министерство за надворешни работи и НАДВОРЕШНА ТРГОВИЈА треба да поработи токму на сегментот на поврзување на деловни субјекти од Македонија со субјекти од вакви пазари (Задкавказје, Среден Исток, ….)
Нова: Може ли да се очекува со оглед на ниските царини за Тирана, Приштина и Подгорица добар дел од фирмите да се пререгистрираат на тие терени и што тоа би добило од тоа и што би изгубило македонското стопанство?
Гацов: Ако ваквите политики на американската администрација останат на долг рок, ќе се појават и трендови на пренос на оние бизниси кои зависат од извозот во Америка (но тој извоз да не се врши преку ЕУ земјите) кај нашите соседи кои ја имаат најниската царинска стапка на САД.
Засега неизвесноста е единствената конзистентност во водењето на царинските и трговските политики на американската администрација. Потребно е преку политички, но и експертски конзилијарен пристап да се бараат решенија за надминување на наметнатиот проблем кој иако наменет за големите земји (пријатели на САД), Канада, ЕУ, Мексико, но и за Кина и другите големи економии, во принцип најтежок удар ќе им нанесат токму на економиите кои бараат место под сонцето, а кои беа „наградени“ со највисоки царински стапки (една од нив е Македонија) .