Кијив: Вториот круг разговори меѓу Украина и нејзините западни партнери, чија цел е да се обезбеди прекин на огнот со Русија, ќе се одржи утре во Лондон, изјави денеска висок украински функционер.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера најави дека украинска делегација утре ќе отпатува во британската престолнина на разговори со американски и европски претставници.
Зеленски вчера изрази надеж дека овие преговори, кои започнаа минатата недела во сосема нов формат, ќе постигнат „безусловно примирје“ со Русија, проследено со „вистински и траен мир“.
Претставниците на Украина, САД, Франција и Велика Британија се состанаа во четвртокот во Париз, за првпат во овој формат, за да се обидат заедно да продолжат напред, во време кога преговорите за прекин на огнот иницирани од Вашингтон се во застој, а Европејците сакаат нивниот глас да се слушне по тригодишна руска инвазија.