Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека му наредил на Бирото за затвори да го обнови и повторно да го отвори озлогласениот затвор Алкатраз во заливот Сан Франциско за да „ги смести најсуровите и најнасилните криминалци во Америка“.
„Обновете го и отворете го Алкатраз! Кога бевме посериозна нација, во минатото, не се двоумевме да ги затвориме најопасните криминалци и да ги држиме подалеку од секого на кого би можеле да му наштетат“, напиша Трамп на платформата Трут сошл.
„Денеска му наложувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и Службата за внатрешна безбедност, повторно да го отворат значително проширениот и реновиран Алкатраз“, напиша Трамп.
Алкатраз беше прогласен за најбезбеден затвор во Америка поради неговата островска локација, ледените води и силните струи. Никогаш официјално не е регистрирано успешно бегство од Алкатраз, иако петмина затвореници се наведени како „исчезнати и се претпоставува дека се удавени“.
Алкатраз беше затворен бидејќи било премногу скапо да продолжи да работи, според веб-страницата на Федералното биро за затвори, претежно поради неговата островска локација. Неговото работење било речиси три пати поскапо од кој било друг федерален затвор.